КСС Конференција: Влијанието на минималната плата врз продуктивноста и стандардот на работниците – реалност или мит
На 28.10.2026 година, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС одржа конференција на тема „Влијанието на минималната плата врз продуктивноста и стандардот на работниците – реалност или мит“ во хотел „Александар Палас“ во Скопје. На конференцијата КСС предложи нов пристап во пресметката на минималната плата – минимална саатнина наместо фиксна месечна минимална плата.
На дебатата за минималната плата, во фокусот беа потребата од повисоки плати, заштитата на работниците, продуктивноста, сивата економија и изнаоѓањето одржливи решенија за достоинствен живот на работниците.

КСС предложи да се отвори дискусија за нов модел на пресметка на минималната плата преку минимална саатнина, наместо минималната плата да се утврдува исклучиво како фиксен месечен износ. Ваквиот пристап би овозможил да се земат предвид реалниот број на одработени часови со внимателно уредување на начинот на пресметка и заштита на работничките права.
На дебатата беше истакнато дека минималната плата не е единственото решение за достоинствен живот, туку дел од пошироката економска и социјална политика. Неопходни се реален раст на платите, зачувување на куповната моќ, зголемување на продуктивноста, сузбивање на сивата економија и посилна заштита од злоупотреби на работничките права.

КСС смета дека решенијата треба да произлезат од суштински, аргументиран и инклузивен социјален дијалог, заснован на релевантни економски показатели и анализи, со активно учество на синдикатите, работодавачите и Владата.
Со овие решенија согласни беа сите учесници инволвирани во панел дискусиите. На дебатата учествуваа претставници на Владата, синдикатите, работодавачите и стручната јавност, меѓу кои беа Претседателот на КСС – Благоја Ралповски, Заменик министерот за економија и труд – Марјан Ристески, Претседателот на ОРМ – Ангел Димитров, Претседателот на БКМ – Миле Бошков, Претседателот на ССКМ – Горан Ѓорѓиевски, Потпретседателот на КСС – Јаким Неделков, советник-инспектор од областа на работните односи во Државниот инспекторат за труд – Љуљзим Фаризи и советникот за труд и социјална политика од канцеларијата на Претседателот на Владата – проф. д-р Лазар Јовевски, како и проф. д-р Предраг Трпевски од Економски факултет Скопје.
