На денешната прес – конференција, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија- КСС поаѓајќи од делот на нарушеното социјално партнерство и дијалог, кои се предизвикани од највисоките државни органи и нивните највисоки претставници, во последните две до три години и со целосно маргинализираната улога на релевантните синдикални партнери го прогласува следниот:
СИНДИКАЛЕН ПРОГЛАС
на мерки и барања
Поради еклатантното кршење на одредби од Уставот, Законот за работни односи, ред закони од сферата на работничките односи, спогодбата за формирање на Економско-социјалниот совет, повеќе меѓународни конвенции кои Македонија ги има ратификувано од страна Собранието на Р.Македонија, нефункционирање на социјалното партнерство и дијалог од страна на министерствата и дел од институции формирани од Владата, создадоа состојба на тотално газење на правниот систем и целосно пасивизирање и непочитување на слободата на синдикалното функционирање во Македонија.
Со цел ваквите исклучително опасни и неприфатливи состојби да бидат надминати КСС од сите политички чинители во нашата држава бара да се обврзат дека овие состојби, кои се исклучително опасни и неприфатливи, веднаш да бидат надминати и за таа цел КСС ги објавува следните:
БАРАЊА И МЕРКИ
КСС бара од сите политички фактори во државата и сите надлежни итно и неодложно да се обврзат за:
- Вистинско почитување на законите со што работниците ќе ги остваруваат своите права без никаков политички притисок и ќе ја вратат довербата во правниот систем.
- Безрезервно почитување на колективните договори за во иднина да не се соочуваме со мерки за притисок од наша страна како протести и штрајкови и играње со судбините на работниците во нашата држава преку популистички мерки.
- Фер и коректено социјално партнерство со реален, а не со неформален социјален дијалог и потпишување на колективни договори со сите релевантни фактори со што ќе се докаже почитување на достоинството на работникот во нашата држава.
- К-15 за сите, без исклучок дали се во реалниот или јавниот сектор, а Владата да биде предводникот и примерот за работодавците како се почитува работникот.
- Од причина да се избегне хаосот во системот за плати кој што се направи во изминативе години со носење на популистички мерки КСС бара почитување на законот за минимална плата и како најголем синдикат во јавниот сектор бара носење на закон за систем на плати со кои децидно и детално ќе се опишат и оценат сите структури на дејности во јавниот сектор по примерот на соседните земји и на дел од земјите во Европската Унија.
- КСС бара носење на закони по мерка на работниците без да се загрози бизнис секторот, пред се законот за работни односи, па и сите други закони во сферата кои што се од витално значење за работничките права, низ вистинска инклузивност на сите релевантни фактори во државата, а не водење на јавни дебати со одбрани здруженија од граѓанскиот сектор и избрани социјални партнери под изговор дека имаме инклузивност и сеопфатност, а всушност стоиме во место и ништо не е подобрено, и ниеден Закон кој што беа помпезно најавувани не е донесен.
- Вклучување на синдикатите при контрола на инспекторатите, од причина што под товарот на политичкиот притисок во изминативе години, не велиме сите, но голем дел од нив носеа решенија по теркот на политичките моќници во Македонија. За да се избегне сето ова, се разбира во договор со бизнис секторот и Владата, ние ќе предложиме модел во кој што синдикалните претставници ќе бидат присутни при контролата каде синдикатот има преставки само за да ја осигура непристрасноста и почитување на законот од страна на инспекторот, што не беше случај до сега.
- Стоп за трансферот од јавен во приватен сектор за кој многу пати изгеговме низ улиците и успешно до сега се спротивставивме на таа политичка мерка за уцена на вработените во јавниот сектор, но очигледно е дека квази-синдикатите ја одиграа својата улога и сведоци сме дека во последните неколку дена сакаат да ја легализираат оваа мерка преку мала врата.Бараме, наместо да се ставаат вработените на трансфер листа, за што според нашите дојави овој период, се делат на подобни и неподобни. Парите кои што ќе се дадат на бизнис секторот во цели две години да се пренасочат кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и да се донесе законско решение за предвремено пензионирање на сите што имаат полни 60 години, но со полн стаж. Нашите анализи покажуваат дека годишно во Македонија имаме од 6% до 7% пензионирање во јавниот сектор, така што со проста математиката јавниот сектор со две- три генерации ќе биде намален од 25 до 30%.Исто така бараме целосна дигитализација и рационализација на јавниот сектор, искрена и фер функционална анализа, преквалификација на одреден број вработени и враќање на кариерното унапредување со цел мотивирање на административните и јавните службеници, но не со оценување какво што го имаме досега, туку преку софтверско решение кое ќе биде дел од дигитализацијата во јавниот сектор со што ќе се направи фер пристап, а трудот на секој поединец ќе биде вреднуван според сработеното, а не по желба на раководителите и директорите.
- КСС бара почитување на Законот за минимална плата и итно пристапување кон усогласување на платите во јавниот сектор, од причини што сега се случува уште поголем хаос, затоа што неколку позиции на носители на дејност веќе се израмнија со помошно техничкиот персонал, што секако е незаконско и противустано да се дозволат вакви порамнувања на платите токму таму каде што власта има надлежност, а надлежните да молчат и да не преземат никакви дејствија што е нивна должност.
КСС ќе ги преземе следните легални и легитимни мерки:
- КСС ја известува јавноста дека во Македонија оваа недела пристигна главниот правен советник на Светската конфедерација на синдикати со кој заедно ќе се изработат тужби за пред Меѓународната организација на трудот, вклучувајки известување и до Европската комисија за сериозното нарушување на слободата на синдикалното функционирање, прогонот на синдикалните лидери како и непочитувањето на законите од страна на одредени министри во оваа Влада кои се директни носители – предизвикувачи на претходно споменатите состојби.
- КСС отпочна и ќе продолжи со поднесување на кривични пријави до сите оние именувани и избрани лица носители на функции во државните институции кои грубо ги прекршуваа законите и колективните договори како и вршеа упад во синдикалното делување за што веќе имаме и извршни пресуди.
- КСС ќе преземе радикални чекори доколку институциите не преземат мерки за ваквите девијантни делувања од страна на именувани лица во извршната власт, аминувани од квази-синдикални и граѓански здруженија, подобни за нив без да разликуваат што е политички притисок и популистички мерки, а што се работнички права.
- На крајот сакаме и пред целата јавност да кажеме дека никакви закани, притисоци и слични дејствија од било кое ниво, од позиција на власт нема да го смени курсот на одбрана на правата на синдикатот и неговите членови кои произлегуваат од постоечкото законодавство и колективните договори, а доколку постојат вакви постапки КСС ќе ја известува јавноста, ќе продолжи со покренување на соодветни судски постапки, ќе ги известува меѓународните организации и ќе преземе крајно радикални дејствија.
Затоа уште еднаш ги повикуваме сите политички чинители, крајно сериозно и одговорно да ги согледаат нашите барања и да се обврзат на почитување на синдикатите и работничките права и низ своите изборни програми да изнајдат решение за проблемите во кои што се наоѓа достоинството на работникот и неговото семејство денес.