1. Home
  2. Новости
  3. КСС бара покачување на платите согласно покачувањето на минималната плата

КСС бара покачување на платите согласно покачувањето на минималната плата

КСС бара покачување на платите согласно покачувањето на минималната плата
0
318 ПРЕГЛЕДИ

Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Република Македонија г-дин Благоја Ралповски на денешната прес-конфернција истакна дека со порастот на трошоците за живот, особено на основните прехрабени продукти и електричната енергија сериозно се наруши буџетот на работниците и можноста за сервисирање на животните трошоци во нивните семејства.

Имено КСС и лани во март при усогласување на минималната плата бараше поголемо покачување од 200 денари, поради пандемијата со Ковид -19, но иако инфлацијата и тогаш беше во подем не добивме поддршка од другите синдикални организации.

Оваа криза не настана пред неколку денови со покачувањето на минималната плата, туку настана години претходно со претходните покачувања и со непочитувањето на Законот и колективните договори од страна на Власта. Многу пати во изминатите години КСС го изрази својот револт низ протести, дел од гранските синдикати низ штрајкови  и со јавно повикување на Владата за почитување на Законот и колективните договори, а со тоа да бидат пример за почитување на работникот и трудот.

И сега, оваа година на состаноците на Економско – социјалниот совет, кога се одлучуваше за покачувањето на минималната плата, КСС даде поддршка на братските синдикати за истрајност, но нашето барање на истите тие состаноци за спроведување на Законот за минимална плата во целост беа експлицитно отфрлени од членовите на ЕСС. Одговорот беше дека може подоцна да се отвори оваа тема и да се бара решение за настанатиот хаос со платите во јавниот сектор, но не денес и на овие состаноци. Мораме да предупредиме дека потребата од почитување на законите и колективните договори мора да биде вчера и сега, затоа што ако работниците од јавниот сектор во април ја добијат мартовската плата без усогласување, ќе настане голем хаос.

Во државната и јавната администрација, помлад референт во моментот има основна плата од 13,848 денари, после него имаме референт, виш референт и самостоен референт којшто со највисоко звање со средно образование има 16,848 денари. Се доаѓа до ситуација каде во детска заштита или градинки неколку позиции на работни места по коефициент на сложеност да бидат израмнети, но најтрагичното е што негувателките во градинките ќе земаат минимална плата. Потоа, помлад полицаец, полицаец, виш полицаец, самостоен полицаец и главен полицаец коишто се на распон со бодови од 510 до 600, ќе имаат иста основна плата и ќе се случи порамнување на пет позиции. Во терцијалното здравство, медицинска сестра со средно образование која треба да зема плата според коефициентот на сложеност во Колективниот договор, над 45.000 денари основна плата, во моментот зема плата од 22,722 денари, а доктори по медицина на клиника во терцијалното здравство имаат плата од 35,756 денари, а според коефициентот на сложеност по Колективен договор треба да имаат плата од 72,270 денари. Наставник во основно училиште има плата од 24,782 денари, а во средно образование 25,838 денари, а според коефициентот на сложеност во колективниот договор треба да земаат 44,000 и 45,000 денари.

Претседателот нагласи дека воопшто не се почитуваат законите и колективните договори и правата на работниците и трудот од страна на Владата која ги земала како обврска.

Нашето членство секојдневно бара радикализација на нашето делување ако овој проблем со платите не се реши веднаш, сега, одма и врши сериозен притисок врз раководствата на гранските синдикати и раководството на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија.

Уште следниот ден, во вторникот, КСС се обрати писмено до премиерот на Република Македонија и побара итен состанок за изнаоѓање на прифатливо решение за сите, но за жал нема одговор на барањето. Потребно е Владата на Република Македонија сериозно да се посвети на решавање на проблемот, сега веднаш. До средината на март, да ги усогласи платите согласно покачувањето на минималната плата, заради законската обврска.

Во овој момент донесена е одлука за покачување на платата на 78,648 работници, што се неполни 10% од вработените во Македонија кои имаат засновано редовен работен однос и убедени сме и јавно укажуваме дека оваа мерка ќе важи за уште 15.000 до 16.000 работници, со што бројот ќе се зголеми на околу 95.000 работници што ќе земаат минимална плата. Плата од 18.000 денари земаат 93,804 работници.

Ако нема усогласување, ако Владата не ги почитува законите и колективните договори целата оваа еуфорија за покачувањето на минималната плата ќе биде пораз за нас затоа што минималната плата ќе се покачи само за 10 % од работниците, а преостанатите 90 % ќе останат со кратки ракави. Затоа КСС ги организира сите свои органи и тела на синдикатите во јавниот сектор да го искажат своето согледување и потреби. КСС најави дека доколку државата како најголем работодавач не се вложи целосно кон решавање на овој проблем кон своите вработени целиот јавен сектор ќе пристапи кон генерален штрајк што може да ја парализира работата на целата држава.