КСС информира за неколкумесечното мешање на раководството на АД ЕЛЕМ во синдикалното организирање

0

Гранскиот синдикат, Самостојниот синдикат на работниците од енергетика, рударство  и индустрија на Република Македонија, кој што е во состав на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, ја информира јавноста за неколкумесечното грубо мешање и упад во синдикалното движење во синдикалните поддружници при АД ЕЛЕМ, како и во самата синдикална организација на АД ЕЛЕМ.  Имено, синдикалната организација на АД ЕЛЕМ донесе одлука за распишување на легитимни синдикални избори, согласно Статут која што е во согласност со Законот за работни односи и Колективниот договор, а за што беше известен Генералниот директор на АД ЕЛЕМ, г-динот Миновски, како и сите директори на АД ЕЛЕМ и управувачките одбори.

Раководни лица во одредени подружници пред се во РЕК Битола, побараа изборите да се лажираат и да се изберат лица кои ќе бидат предложени од нив самите, во спротивно се заканија дека изборите нема да се одржат.

Поради тоа што ние како синдикат остро се спротивставивме на ваквите укажувања и притисоци, на денот на изборите истите тие лица реагираа и ги попречија синдикалните активности со необезбедување на простории, со вршење притисок врз членовите на синдикатот, се со цел избори да нема.

Од наша страна беше пријавено во Јавното обвинителство во Битола, МВР Битола, Трудовиот инспекторат, Генералниот директор на АД ЕЛЕМ, секако и Министерот за труд  и социјална политика,  Генералниот секретар на Владата на РМ, и до Претседателот на Владата на РМ. По пријавата се огласи само трудовиот инспекторат со неточно известување за недоставување на одлуки од страна на синдикалната организација, кои за жал можеби и не се доставени до нив, од страна на овластените лица на РЕК Битола, додека од другите органи немаше никаква реакција.

Од средината на минатиот месец, почнаа повторно да се прават притисоци врз нас како претставници  на синдиктот и врз синдикалното организирање, со цел насилно преземање на синдикатот, насилно одземање на неговиот имот и документите на гранскиот синдикат, синдикалната организација на АД ЕЛЕМ и синдикалната подружница на РЕК Битола. За новонастанатата ситуација го известивме Претседателот на КСС и Извршниот одбор на КСС, кои како легитимни претставници побараа од раководните лица на АД ЕЛЕМ, согласно позитивните законски регулативи и согласно конвенциите на Меѓународната организација на трудот за слобода на синдикалното здружување, на легитимен начин да ги ослободат просториите во наше присуство, а документите кои се во сопственост на синдикатот да бидат предадени на легитимните синдикални претставници. Наместо тука да запре мешањето во синдикалното движење, се направи упад во просториите на синдикалната подружница на РЕК Битола, синдикалната организација на АД ЕЛЕМ и гранскиот синдикат ССЕРИ во кои се наоѓаше целокупната наша документација, и во наредниот ден просториите и целокупниот имот и документација беше предадена на новоформиран синдикат, Мултиетничкиот синдикат за образование – МЕСО при ССМ, кој што нема никаква допирна точка по националната класификација на дејности со синдикат  за енергетика, што само по себе покажува дека целта е да се изврши притисок врз синдикатите во КСС и да се замолчи синдикатот во неговите легитимни барања.

На сето ова претходеше уште еден настан кој што сам од себе покажува дека работодавачот се меша во синдикалното движење, грубо се кршат законите и конвенциите на МОТ и дека само по себе  треба да повлече кривична одговорност.

На ден 02.02.2018 година во 11 часот и 42 минути, раководителот на одделение за парични текови на АД ЕЛЕМ ги известува сите поддружници на АД ЕЛЕМ, преку е-маил, дека средставата за задршки од плата на сметка на синдикалните подружници на АД ЕЛЕМ по основ на членарина, позајмици и роба на рати, да се стопираат и да не се префрлаат на трансакциските сметки на синдикатите.

На крајот на сето ова Генералниот директор на АД ЕЛЕМ, испрати известување до КСС во кое се оградува од сите овие дејствија и не упатува до органите на управување на подружницата на РЕК Битола.

За сето ова повторно се известени МВР Битола, Јавното обвинителство, Министерството за труд и социјална политика, Претседателот на Владата на РМ, но за жал до ден денес сеуште нема никаква реакција. Затоа во оваа прилика го повикуваме обвинителството да поведе постапка за истрага по допрен глас, за кривична одговорност, злоупотреба на службена должност за мешање во синдикалното движење во Р.Македонија.

Сакаме да Ве информираме дека КСС за сите овие случувања со доказен материјал со приемни печати од сите институции каде има доставно пријава или известување, ги извести Светската конфедерација на синдикати, Европската конфедерација на синдикати  и секако Меѓународната организација на трудот како и за мешањето на претставници на државата во синдикалното движење во Р.Македонија, за грубо кршење на меѓународното право и конвенциите за слободно организирање. Известени се повеќе амбасадори, меѓу кои и Евроамбасадорот во Македонија.

Ве уверуваме со целосна искреност  дека ќе продолжиме по патот на независното синдикално организирање, бранејќи ги и унапредувајќи ги работничките права во Р.Македонија.

 

Сподели на социјални медиуми

Оставете коментар

Copyright kss.mk