Праведната енергетска транзиција, нејзините социјални импликации и потребите на пазарот на труд“ – јавна дискусија во Битола
„Праведната енергетска транзиција, нејзините социјални импликации и потребите на пазарот на труд“ во рамките на програмата за одбележување на 4 Ноември – денот на ослободувањето на Битола, беше темата на јавната дискусија која се одржа во организација на Младинскиот културен центар – Битола во соработка со Локалниот економско-социјален совет на општина Битола (ЛЕСС Битола).
Како најзасегната страна, Подружницата РЕК Битола беше дел од настанот на кој се изнесоа ставови и согледувања на реалните состојби, предизвиците и потребите кои произлегуваат од самиот процес, влијанието врз вработеноста и локалната економија, како и можностите за создавање нови зелени работни места и преквалификација на кадарот во регионот.
Жарко Краус, претседател на ССЕРИ, констатира дека процесот на декарбонизација е неминовен, се случува и ќе се случи, притоа осврнувајќи се на потребата да ги заштитиме работниците кои потенцијално се први на удар. Дополнително, ја истакна потребата од преквалификација и доквалификација на работниците кон новиот процес на производство на електрична енергија. Оваа потреба е круцијална за да не се случи масовна миграција и одлив на млади луѓе. Задржувањето на истите ќе се случи преку поактивно отворање на зелени работни места, а тоа зависи од сите нас – рече Краус.


Краус оцени дека е од суштинско значење вклучувањето на синдикатите во процесот на Зелената праведна транзиција со цел како би се слушнале реалните состојби и потреби и како истите би се спровеле на дело. Имаме направено и анализи како истото праведно би се спровело, но тоа се наши анализи вели тој, без притоа да имаме јасна слика и став од страна на Државата во кој правец и на кој начин ќе се одвива Зелената праведна транзиција.
Се надеваме дека час поскоро ќе излезат надлежните со јасна слика, рокови и планови за обезбедување на базна енергија и енергетска стабилност на Македонија. На крајот, заклучи дека доколку се вклучиме сите во процесот на Зелена праведна транзиција и земеме активно учество со свои предлози и сугестии, едно е сигурно, а тоа е дека ќе имаме поквалитетно решение и дека ќе превенираме многу недостатоци кои би се појавиле доколку сме исклучени од процесот на одлучување.
Настанот се организираше поради актуелноста на темата и со цел да се поттикне отворена и конструктивна дискусија меѓу претставниците на институциите, стопанството, академската заедница и граѓанскиот сектор. Целта е преку дијалог и размена на ставови да се извлечат конкретни заклучоци и предлози за развојни политики кои ќе придонесат за праведна и одржлива енергетска транзиција во општина Битола.