1. Home
  2. Новости
  3. Реакција на КСС за блокадата на граничниот премин на Република Грција кон Република Македонија

Реакција на КСС за блокадата на граничниот премин на Република Грција кон Република Македонија

Реакција на КСС за блокадата на граничниот премин на Република Грција кон Република Македонија
0
347 ПРЕГЛЕДИ

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија својата загриженост по однос на повеќедневната  блокада на  граничниот премин на Република Грција кон Република Македонија ја изрази преку испраќање на писмо до Грчката конфедераија на синдикати, Грчката амбасада во Македонија, Министерството за надворешни работи на Македонија како и до Делегацијата на Европската Унија во Македонија, во кое бара да се преземат мерки со кои би се отстраниле причините за протестот. Во продолжение во целост го изнесуваме писмото:

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) ја изразува големата загриженост од блокадата на граничните премини од страната на Република Грција, кон Република Македонија. КСС не го доведува под прашање правото на изразување на протест, во случајот од страна на дел од грчките земјоделци, меѓутоа одбраните локации за повеќе од 10 дена блокирање премини помеѓу двете држави, не  може да биде прифатено како целосно легитимно користење на правото на протест, од многу едноставна причина што со таквиот начин на протестирање веќе е нанесена огромна штета на економијата на Република Македонија и особено на голем дел од претпријатија кои се најдиректно оштетени со таквата блокада на премините. КСС има право да се сомнева дека грчките земјоделци веројатно и сосема несвесно, се злоупотребени бранејќи сопствено право да нанесат огромна штета на субјекти и во сопствената земја, а особено во Република Македонија кои немаат ништо допирно со институциите во Република Грција кои имаат надлежност на нивните проблеми.

Со цел итно да престанат натамошните несогледливи негативни последици од блокирањето на граничните премини КСС ги изнесува следнивe барања:

  1. Надлежните државни институции на Република Грција итно да преземат мерки со кои ќе бидат отстранети причините за протестите на грчките земјоделци на граничните премини кон Република Македонија, пред се со примена на европските стандарди за итно отпочнување на преговори кои се клучно барање на земјоделците кои го реализираат протестот;
  2. Надлежните институции на Европската Унија, во тие рамки вклучително и Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, во согласност со одредбите на европското право, веднаш енергично да интервенираат кај надлежните државни органи на Република Грција, како членка на ЕУ, веднаш да се прекине со нанесувањето на огромни и не само економски штети на Република Македонија, што е за жал многу честа појава долги години наназад со блокирање на патиштата и железничките премини кон соседната земја; и
  3. КСС особено очекува и бара активно вклучување на грчките синдикални федерации во нивно поенергично барање за отпочнување на преговори помеѓу Владата на Република Грција и легитимните претставници на земјоделците со цел итно изнаоѓање на решение и прекин на протестите.

КСС како репрезентативна синдикална федерација во Република Македонија и редовна членка на светската и европската синдикална федерација, покрај наведените барања, најавува дека доколку итно не се реши проблемот со блокирање на премините од страна на субјекти од Република Грција, сериозно ќе го разгледа легитимното право за реципроцитетно однесување од страна на работниците во нашата држава за блокирање на граничните премини кон Република Грција во време на почеток на туристичката сезона, со што не сакајќи, но како изнудена мерка ќе покажеме дека бумерангот може да биде секогаш многу поопасен на сопствената глава што е стара мудрост, која за жал често пати се заборава дури и во завршување на првата четвртина на 21 век.