Независниот синдикат на одбраната дава целосна поддршка на протестот на СПМ

Независниот синдикат на одбраната дава целосна поддршка и се приклучува кон протестот на Синдикатот на полицијата во Македонија. Во продолжение го пренесуваме писмото за поддршка во целост:
Сметаме дека синдикатите се браникот на работничките права и оттаму нивна должност е да ги бранат и унапредуваат, но исто така должност е и на институциите да го почитуваат социјалниот дијалог и да ги консултираат синдикатите кога носат одлуки кои ги засегаат вработените.
Недозволиво е држава која е членка на НАТО, а се стреми да стане дел од Европската унија, да ги прекршува работничките права, преку незаконски распоредувања, непочитување на колективни договори и закони, како и Меѓународни конвенции коишто Македонија ги има ратификувано.
Нашата институција, Министерството за одбрана, треба да послужи за пример, кога станува збор за почитување на Колективниот договор и законите. Ние како репрезентативен синдикат во Министерството за одбрана и АРМ потпишавме Колективен договор кој ги зацврсти правата на вработени.
На нашите синдикални колеги од Синдикатот на полицијата на Македонија им посакуваме да се изборат за нивните работнички права. Полицијата, како и Армијата е една од највиталните гранки во јавниот сектор и нефункционалноста на истата поради незадоволството на вработените, може негативно да се одрази врз функционирањето на безбедносниот систем во државата.