1. Home
  2. Новости
  3. Да живее 1 мај! Правда за работникот! Првомајски манифест!

Да живее 1 мај! Правда за работникот! Првомајски манифест!

Да живее 1 мај! Правда за работникот! Првомајски манифест!
0
333 ПРЕГЛЕДИ

 

Извршниот одбор на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС на седницата одржана на 27.04.2021 година расправаше за актуелните економско – социјални состојби во нашата држава и за активностите на КСС и нејзините членки во последните неколку месеци и врз основа на тие согледувања, во пресрет на 1-ви Мај, меѓународниот ден на трудот, го усвои следниот:

ПРВОМАЈСКИ МАНИФЕСТ

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС изразува огромна загриженост за лошата економска и социјална положба на работниците, а особено за време на пандемија кога и многу работници ги изгубија своите работни места. Оваа криза уште еднаш покажа колкава е вредноста на сите работници за нормално функционирање на  општеството, а особено за време на пандемија. Од непроценлива вредност се здравствените работници, како и оние професии кои често не се во фокусот на јавноста како што се вработените во трговија, градежниците, одржувачите на хигиена, пожарникари,  полиција и други. Од друга страна пак примањата на работниците не се доволни за достинствен живот и не обезбедуваат ниту минимален животен стандард за нивните семејства.

Пандемијата ја стави на тест демократијата во нашето општество, како и насекаде во светот, но за жал ние како општество не покажавме дека сме спремни да стоиме рамо до рамо со високо демократските земји кои успеваат и  за време на пандемија да носат разумни, демократски и заеднички одлуки во кои се вклучени сите релевантни чинители кои можат во рамките на својот делокруг на работа да придонесат за полесно надминување на предизвиците кои ни ги донесе пандемијата.

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија сериозно ги сфати новите предизвици со кои се соочивме и континуирано укажува и бара итно да се изнајдат решнија за надминување на ваквите состојби. Но, за жал одговорните државни органи не преземаа доволно сериозни мерки за излез од оваа ситуација. Сведоци сме на прекршување на закони, суспендирање на колективни договори, кратење на правата кои на работниците им се загарантирани и што е најважно од се, недоволно преземени мерки  за зачувување на безбедноста и здравјето на работниците во време на пандемија.

Работнците се соочија со откази од работа, неисплаќање на платите и придонеси на плати кои беа наменети  како помош од државата, незаконски престанок на работен однос, незаконско намалување на плата, неоправдани дисциплински постапки, непочитување на колективните договори, непочитување на законските одредби поврзани со годишниот одмор и работното време и други прекршувања на правата од работен однос.

Од друга страна пак, се соочуваме со масовна миграција на нашите млади и нашите високо образовани кадри кои си заминуваат кон западно европските земји, а државата дозволува да се прекршуваат права од работен однос, што ја карактеризира Македонија со индекс 4 односно ,,систематско прекршување на правата” согласно индексирањето кое го врши Меѓународната конфедерација на синдикати.  Платите на голем број на работници,  што е во висина на минималната плата во Македонија, се под нивото за достоинствен живот на само едно лице, а уште повеќе под прагот на сиромаштија на едно просечно семејство.

Правото на слобода на здружување и синдикално организирање е право кое е загрантирано со Уставот, законите, Конвенциите на Меѓународната организација на трудот, а ние како синдикат го доживуваме токму спротивното. КСС е едниствениот синдикат кој вистински се залага за унапредување на правата на работниците и бидејќи сегаш цврсто стои зад своите ставови се соочува со притсисок врз своето синдикално делување.  Веќе повеќе години се соочува со обиди од сите страни попречување за слободно организирање и делување со јасна цел да не постои КСС и гранските синдикати во него. Нашите синдикални лидери низ годиниве се соочија со деградација на работните места, дисциплински постапки, намалување на платите, прераспоредување на работно место надвор од местото на живеење, противзаконско исчленување на членството, откази. Сите овие активности се преземени се со цел да се заплашат работниците да не членуваат во синдикат. КСС им порачува на сите работници дека ние стоиме позади секој еден работник и со тоа постојано ги јакнеме нашите капацитети се со цел да ја обезбедиме неопходната помош за нашите членови.

Постоењето на формален, а не суштински социјален дијалог го нарушува балансот на едно општество кое треба да го движат заеднички трите социјални партнери (Владата, синдикатите и работодавачите). Кај нас, Владата работи единствено по сопствено зацртаниот правец со подобни и послушни социјални партнери, со што економскиот и социјалниот просперитет станува недостижен за работникот.

Врз основа на погоре наведените факти КСС овој 1-ви Мај ги упатува следните барања до Владата и до сите институции за кои овие барања се наменети:

  1. ИТНО да се утврди репрезентативноста на најголемата синдикална организација на национално ниво во јавниот сектор, а тоа е Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија.
  2. Усогласување на платите по вертикала во согласност со покачувањето на минималната плата од причина што во овој момент имаме порамнување на повеќе работни позиции со различен степен на сложеност на работните места, со непочитување на Законот за минимална плата во целост.
  3. Исплата на “К-15“, односно регрес за годишен одмор за сите работници и во приватниот и во јавниот сектор. КСС исто така бара да се исплати регрес за годишен одмор за сите оние работници на кои ова право им е регулирано со колективен договор. КСС бара да се исплати “К-15“ на административните работници, согласно колективниот договор за 2020 година.
  4. Да престане прогонот врз синдикалните лидери и политичкиот притисок врз синдикалното организирање.
  5. Итно формирање на солидарен фонд со кој ќе се обесштетат сите работници кои го изгубија своето работно место по било кој основ за време на пандемија за да можат да ги сервисираат своите семејни трошоци.
  6. Безусловно почитување на Уставот, законите и колективните договори.
  7. Да престане политичкиот притисок врз институциите кои ги спроведуваат или ги контролираат законите од областа на трудовото право и тоа врз:
  • Министерствата
  • Правосудството
  • Инспекторатите
  • Судовите во делот на трудовото правo

8. Исплата на 100% плата за сите оние кои се заразени со Ковид-19 на работно место или се во   самоизолација.

КСС јавно и јасно и во оваа година по повод Денот на трудот изјавува дека никогаш нема да остапи од улогата што ја има како вистинска организација на работниците кои доброволно се членови во здружените грански синдикати, дека нема да ги напушти принципите усвоени на основачкиот Конгрес во 2005 година, како и меѓународните документи и Законите кои се во сила во нашата држава.

КСС во рамките на своето делување и во соработка со други легитимни граѓански организации, во недостаток  на вистински социјален дијалог и партнерство кое треба да го промовираат токму државните органи, не се откажува и континуирано ќе испраќа одржливи предлози до Владата, со цел на поефикасно и побрзо надминување на здравствената криза за која сега сме сведоци дека се претвори во економска и како што предупредивме, премина и во социјална криза.

Овие пораки, овие наши барања, сите наши апели кои ги изразуваме на сите синдикални начини што ги знаеме и познаваме, преку сите наши протсти, барања, писма, дописи, се надеваме дека конечно ќе стигнат до институциите и дека ќе почнеме да се движиме по вистинскиот правец. Ние никогаш нема да потклекнеме на притсоците и истрајно ќе ги “одбраниме” работниците од ваквите “кројачи” на работничките судбини.

Ви порачуваме дека веќе поминува времето кога врз синдикатите се прават најголемите неправди, а нашата искрена заложба за унапредување на правата на работниците и нашата вистинска борба го гледа светлото од тунелот, кој Вие ни го изградивте!

Нека ни е честит Меѓународниот ден на трудот!