1. Home
  2. Новости
  3. Потребна е транзиција која го става работникот во центарот на процесот

Потребна е транзиција која го става работникот во центарот на процесот

Потребна е транзиција која го става работникот во центарот на процесот
0
198 ПРЕГЛЕДИ

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) од 01 до 03 октомври учествуваше на регионалниот настан „Праведна транзиција и Национално утврдени придонеси – Премостување на климатската амбиција и социјалната правда“, кој се одржа во Будимпешта, со поддршка на Меѓународната организација на трудот (МОТ) и Друштвото за меѓународна соработка (GIZ).

На тридневниот настан, претставници од владите, синдикатите и работодавачите од Северна Македонија, Србија и Црна Гора се собраа за да разговараат за предизвиците и можностите што ги носи праведната транзиција кон економии со ниски јаглеродни емисии. Акцентот беше ставен на социјалната правда и сигурноста на работниците.

Настанот вклучуваше градење капацитети за синдикатите и работодавачите, сесии за меѓусебно учење за дијагностика на зелената вработеност и истакнување на важноста на социјалниот дијалог за инклузивно донесување одлуки во климатските политики.

Претставникот на КСС, Васко Перчаковски, во своето излагање ги изложи основните ставови и начела на КСС во однос на зелената транзиција.

„КСС посветува посебно внимание на регионите кои најмногу ќе бидат погодени од затворањето на енергетските капацитети, како што се Пелагонискиот и Кичевскиот регион. Неопходно е насочување на инвестиции што ќе поттикнат локален економски развој и ќе обезбедат нови работни можности. Зелените работни места мора да гарантираат пристојна плата, безбедни услови за работа, социјална заштита, како и еднакви можности за жените и мажите “, истакна Перчаковски.

КСС е длабоко посветен кон подготовка и зајакнување на работниците во процесот на зелената транзиција. Преку едукативни работилници, учество во проекти и соработка со други синдикати, организацијата активно работи на подигнување на свеста за климатските политики и на процена на влијанието што транзицијата ќе го има врз работните места и условите за труд.

И покрај заложбите во националните документи за праведна транзиција, КСС смета дека сè уште недостигаат конкретни мерки за нејзина реализација и ефективна вклученост на синдикатите во социјалниот дијалог. Недостатокот на транспарентност, недоволната соработка меѓу институциите и компаниите, како и отсуството на јасни програми за заштита и преквалификација на работниците, претставуваат сериозни предизвици за успешна и навистина праведна транзиција.

КСС во своите прелиминарни препораки и барања препорачува формализирање на учеството на синдикатите во сите фази на креирање и спроведување политики поврзани со зелената транзиција, како и нивно активно вклучување во новоформираниот Совет за праведна транзиција. Дополнително, КСС бара изработка на социјален план за погодените работници со јасен буџет и временска рамка, можност за предвремено пензионирање на работниците од погодените сектори и стратешки пристап за спречување на иселување на населението од погодените региони.

Настанот имаше за цел да им овозможи на синдикатите и организациите на работодавачи и стопанственици да развијат подобро информирани и појасно дефинирани преговарачки позиции за врската меѓу климатските политики и прашањата за достоинствен труд, како и да ја поттикне вклученоста на темите поврзани со праведната транзиција во агендите на социјалниот дијалог и климатските планови.

„КСС ја поддржува зелената транзиција и веќе не е прашање дали треба да се случи, туку како ќе се имплементира и дали ќе биде праведна “, дециден е Перчаковски.

Заклучокот од настанот нагласи дека воспоставувањето социјален дијалог како темел на донесувањето политики поврзани со климатските промени претставува клучен предуслов за спроведување на амбициозно и праведно климатско дејствување.

Од друга страна, Меѓународната организација на трудот (МОТ) ја потврди својата посветеност да продолжи со поддршка на вакви иницијативи и обуки кои овозможуваат размена на искуства меѓу земјите од регионот и унапредување на нивните политики за праведна транзиција.