Четвртата обука од серијата обуки на тема „Обука за лидерство, личен развој и трансформација на конфликти“ беше одржана во периодот 29.12.2024-01.12.2024, во организација на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) во соработка со Solidarity Center од Америка. На четвртата обука како учесници беа претставниците од Синдикатот на полиција во Македонија (СПМ), Самостојниот синдикат на работниците од енергтика, рударство и индустија на Република Македонија (ССЕРИ), Синдикатот за угостителство и туризам (СУТ), Пензионерскиот синдикат на Македонија (ПСМ) и Синдикатот на непрофитни граѓански организации (ГСНВО).
Обуката беше спроведена преку интерактивни дискусии и работа во тимови, кои овозможија учесниците да ги применат стекнатите знаења во пракса, разменувајќи искуства и идеи со своите колеги, а како предавач на обуката беше проф. д-р Лазар Ѓуров од Институтот Симбиотика.
Целта на овие обуки е: Зајакнување на отвореноста на личен развој и учење; Прифаќање на GROWTH MINDSET-от како клучен за напредок; Зајакнување на лидерските капацитети на лидерите на синдикалните организации; Запознавање на личните вредности и согледување колку тие се предност или пречка за успешно водење на синдикалните организации; Зајакнување на способностите на градење на доверба во членовите на своите синдикални организации; Зајакнување на вештините за трансформација на конфликтите меѓу работодавачите и вработените; Зајакнување на вештините за преговарање во различни ситуации во тек на водење на синдикалните организации; Запознавање на фазите на развој на групите во тимови и зајакнување на лидерите правилно да препознаат и потоа да применат соодветно лидерство; Запознавање на основните мотивациски потреби кај луѓето и дефинирање на начини како истите се задоволуваат преку синдикалното движење; Зајакнување за регрутирање на нови членови и Поттик за мотивирање на постоечки членови да бидат поактивни.
Оваа обука претставува значаен чекор кон зајакнување на синдикалното движење во Македонија, поттикнувајќи личен и професионален развој кај лидерите, претседателите на синдикалните организации но и членовите на синдикатите.
КСС останува посветена на организирање вакви обуки, со цел создавање силни и ефикасни синдикални организации кои ќе ја унапредат благосостојбата на своите членови.