На 28 октомври 2025 година, со почеток во 11:00 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, се одржа работилница за вмрежување во организација на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС).
Настанот претставуваше значаен дел од континуираните активности на КСС за унапредување на синдикалното организирање, зајакнување на соработката меѓу гранските синдикати и поттикнување на заедничко дејствување во интерес на работниците и нивните права.
Благоја Ралповски, Претседателот на КСС, се обрати на присутните со мотивирачки говор, нагласувајќи ја потребата од единство, заеднички настап и синдикална солидарност како клучни предуслови за успешно остварување на зацртаните цели. Во своето излагање тој ја истакна улогата на КСС како обединувачка сила која се грижи за достоинството на трудот и заштитата на правата на секој работник, без разлика на гранката или професијата.


Фокусот на работилницата беше ставен на повеќе клучни теми: улогата и активностите на синдикатите, важноста и примената на Општиот колективен договор, како и структурната поставеност и координацијата меѓу гранските синдикати.
Преку овие теми се отворија значајни дискусии за тоа како синдикалните организации можат уште поефикасно да соработуваат и да обезбедат поголема застапеност и влијание во процесите на одлучување, при што работилницата претставуваше одлична можност за размена на мислења, искуства, предлози, како и конкретни искуства од терен. Завршниот дел на работилницата кулминираше со конструктивна дебата каде имаше активен одзив на учесниците.
Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија продолжува да ја остварува својата визија и мисија: да биде гласот на работниците и потпора на синдикалното движење. Работилницата беше уште една потврда дека само преку заедништво, доверба и постојана комуникација може да се изгради систем во кој работникот ќе биде почитуван, а неговите права целосно заштитени.