
КСС согласно својата програма денес ја одржа Националната конференција за синдикални права, на тема: ,,Улогата и влијанието на синдикатите во општеството” во хотел Мериот.
Присутни на настанот беа гранските синдикати при КСС, претседателите на УНАСМ, Независен синдикат на полицијата, претседателот на Бизнис конфедерација на Македонија и претставници од адвокатската фела.
Покана беше доставена и до Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и до Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски како наши социјални партнери, но за жал не се одзваа на поканата.
Како што кажува темата целата дискусија се водеше во насока на клучните фактори кои ги имаат синдикатите во општеството, која е нивната улога како социјален партнер, целите кои ги имаат синдикатите во современото општество и насоките во кои ќе се делува.
Свои излагања на националната конференција имаа претседателот на КСС, Благоја Ралповски како предводник на најголемиот синдикат во државата, претседателот на СОНК, Јаким Неделков како претседател на најголемиот грански синдикат, Лазар Јовевски професор на правен факултет по трудово право, како и сите присутни на конференцијата.
Присутните имаа можност да се вклучат во дискусија во однос на нивните ставови и мислења, а споделија и свои искуства од нивната синдикална броба. Присутните се сложија дека синдикалното движење е клучно за целокупниот општествен развој, но и дека социјалните партнери и добриот социјален дијалог се од круцијално значење за напредокот на работничките права.
*Организацијата на настанот е поддржана од проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“ финансиран од Европската Унија и спроведуван од Меѓународната организација на трудот. Темата, содржината и дискусијата се единствена одговорност на Конфедерацијата на слободни синдикати и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија и на Меѓународната организација на трудот.