Независниот синдикат на одбраната дава целосна поддршка на штрајкот на СОНК кој
ќе започне на 11 април.
Како синдикат од јавниот сектор сметаме дека според законите во државата секој
вработен од овој сектор заслужува унапредување на неговите работнички права. СОНК
којшто ги претставува вработените во градинките, основното и средното образование,
веќе четири години бара усогласување на растот на минималната плата со
колективните договори. Впрочем, така е и пропишано со членот 8 од Законот за
минимална плата.
Земајќи го тоа во предвид, сметаме дека штрајкот е сосема легитимен, бидејќи го
изразува револтот на вработените во овие дејности чиишто плати се порамнети или
речиси порамнети, токму поради неусогласувањето на колективните договори.
Воспитно – образовниот кадар игра клучна улога во нашето општество, бидејќи од нив
зависи иднината на нашите деца. Сегашната ситуација влијае демотивирачки врз нив и
нивната продуктивност, нешто што не треба да се дозволи, бидејќи се зголемува
нивното незадоволство.
До родителите би сакале да упатиме апел да се солидаризираат и да ги сфатат
проблемите со коишто се соочуваат овие вработени.