
Темпото на промени на пазарот на трудот дефинитивно се забрзува под влијание на новите технологии кои се резултат на употребата на автоматизација, усвојување на примена на роботи, вештачка интелигенција и алгоритми.
Сите имаме впечаток дека светот се менува – Кон крајот на 2022 година, ChatGPT собори рекорди кога платформата достигна 1 милион корисници за помалку од една недела. На почетокот на 2023 година, ChatGPT имаше повеќе од 100 милиони корисници месечно.
Повеќе не може да се игнорира примената на вештачката интелигенција на работното место.
Подготовка за промена
Свеста за овие процеси можеше да се забележи во текот на спроведувањето на проектот кој веќе е во завршна фаза: Иницирање активности за спроведување на Рамковниот договор за дигитализација на европските социјални партнери (ЕФАД). За време на двегодишниот проект, појавата на дигитализација и автоматизација на пазарот на трудот значително се забрза и нема враќање назад. Затоа социјалните партнери, посебно синдикатите, мора што побрзо да се прилагодат на оваа промена. Примената на вештачка интелигенција во бизнисот станува сè почеста, систематски заменувајќи ја едноставната канцелариска работа, што ги принудува и компаниите и вработените да ги променат и/или да ги подобрат своите дигитални вештини.
Веќе е јасно дека дигитализацијата може да придонесе за намалување на повторливите задачи кои претходно ги извршуваа вработените, како и за поголема ефикасност на работата. Меѓутоа, овој процес истовремено е проследен со голема загриженост за зачувувањето на работните места или за дискриминацијата што произлегува од алгоритамското управување. Во денешно време, правото на исклучување станува сè поважно, пред сè за одржување на психичката рамнотежа. Оттука, основата на проектот беше да се подготват синдикатите да бидат активни во иницирањето колективно договарање на ова поле. Примената на правото на исклучување е важна во услови на намалена рамнотежата помеѓу работата и животот или во однос на употребата на вештачка интелигенција за поголем надзор и интензивирање на работата.
Со оглед на сè уште недоволно истражениот потенцијал на влијанието на новите дигитални технологии врз работната средина, синдикатите мора да бидат подготвени правилно да ги идентификуваат ризиците кои произлегуваат од примената на новите технологии на работното место со цел ефективно да се заштитат интересите и правата на вработените. Во работната средина сè почесто се применуваат софтвер за следење, софтвер за надзор (на пример, преку следење на тастатурата) и софтвер за управување со постигнувањата. Многу компании инсталираат камери за да ја следат работата на вработените. Софтверот за вработување има широка примена за избор на кандидати за вработување или унапредување.
Клучната улога на социјалните партнери
Раководителите на синдикатите мора да бидат подготвени да разговараат со работодавачите за транспарентност во примената на алгоритамското управување и за јасни правила за распоредување и употреба на алгоритми, што треба да биде опфатено во договор во писмена форма. Вработените имаат право да бидат информирани за алатките за алгоритамско управување и да ги оспорат оние што ги сметаат за штетни. Алгоритмите постојат за да помогнат во работата на раководителите, но не и за да ги заменат. Синдикалците треба да бараат вработените да имаат пристап до сите прибрани податоци кои се однесуваат на нив, како и до какви било алгоритамски проценки на нивните постигнувања, а откако ќе ја напуштат работата, треба да имаат право да бараат да се избришат сите нивни лични податоци.
Со оглед на тоа колку е динамичен технолошкиот и општествениот напредок, завршниот извештај за проектот содржи повеќе насоки и предлози за активности на синдикалците во нивната работна средина која е сè позаситена со нови технологии. Според тоа, синдикатите имаат право да бараат објаснувања за начинот на функционирање на алгоритмите и треба да бидат свесни за методите на прибирање, чување и пребарување на личните податоци на вработените кои работодавачите ги добиле преку дигитални технологии, додека управувањето со податоците треба да биде во согласност со Општата регулатива за заштита на податоците (GDPR). Овие теми, меѓу другите, беа предмет на сесиите за обука во рамки на проектот врз основа на прирачник кој беше изготвен за таа цел и кој содржи совети за тоа како да се биде во тек со промените во дигитализацијата кои се воведуваат на работното место.
Синдикатите мора да бидат свесни колку динамично се развива пазарот на технологии за вештачка интелигенција – Пазарот на вештачка интелигенција ќе се зголеми за 26% во 2025 година.
Деловните аналитичари проценуваат дека до 2026 година вредноста на американскиот пазар на вештачка интелигенција ќе достигне речиси 300 милијарди американски долари.
Втората по големина економија во светот, Кина, ќе има индустрија за вештачка интелигенција во вредност од околу 40,6 милијарди американски долари до 2026 година. До 2030 година, Кина ќе има удел од 26,1% на глобалниот пазар на вештачка интелигенција.
Нема стоење во место
Потребата од обука и во полето на преквалификување на вработените поради воведувањето на нови технологии, е вклучена во Националните акциски планови кои социјалните партнери ги изготвија во текот на проектот. Овие планови не само што ги поставуваат насоките за идно дејствување, туку може да послужат и како референтна рамка во случај на спорови, недоразбирања или дури и отворени конфликти меѓу засегнатите страни. Советот за социјален дијалог понатаму ќе продолжи со работа на полскиот Акционен план за дигитализација. Сите документи наведени погоре, кои може да се преземат заедно со другите информации во врска со проектот ЕФАД, се достапни на следниот линк: https://www.solidarnosc.org.pl/projekty-i-dokumenty/cyfryzacja-rynku-pracy-projekt-efad/
Меѓутоа, во ерата на дигитализација и глобализација, емоционалната интелигенција и емпатијата и понатаму ќе бидат клучни вештини. Сè повеќе ќе се цени способноста да се разберат и управуваат сопствените емоции, како и емоциите на другите. Тие ја олеснуваат соработката и тимската работа, како на работното место, така и во виртуелните средини. Воедно, ова е важно во насока на сигурно вклучување на доквалификацијата и стекнувањето дигитални вештини во колективните договори, поради што е потребно колективно договарање за компетенциите и вештините. Стратешките планови во компаниите и јавните политики неизбежно ќе се фокусираат на преквалификација и доквалификација преку континуирана стручна обука. Нивната цел е да ги заштитат работните места, така што заканата од технолошка невработеност нема стане мрачна реалност за многу вработени.
Да се потсетиме дека за да се постигне ефективна застапеност и учество на вработените и ефективна работа на синдикатите, мора да научиме да бидеме во тек со основните трендови во развојот на вештачката интелигенција и алгоритмите. Тие се дел од нашите животи во сè повеќе области. Тие стануваат сè поголем бизнис: на пример, технологијата за препораки на Netflix има вредност од 1 милијарда американски долари годишно. Многу потрошувачи веројатно ќе се согласат дека примената на вештачка интелигенција од Netflix е една од најголемите предности на оваа компанија. Платформата за пренос на видео-содржини користи вештачка интелигенција за да ги персонализира препораките и да ги прилагоди на интересите на гледачите.
Спротивно на широко распространетата загриженост, вештачката интелигенција нема неизбежно да ги замени работните места на луѓето, но бидејќи сама по себе претставува пресврт, ќе го промени начинот на кој работиме и ќе креира сосема нови професии. Оние кои можат да се прилагодат и да научат како да користат нови алатки, ќе бидат поспособни да успеат на пазарот на трудот во иднина. Но, да се потсетиме дека вештачката интелигенција сè уште не поседува способност да ја реплицира човечката креативност, емпатија и иновативност, и покрај нејзината способност да обработува информации со голема брзина и прецизно да извршува повторливи задачи.