Бесплатна правна помош

Во согласност со нашите цели, дејности и активности, а со цел остварување и заштита на правата од работен однос, КСС за своите членови обезбедува бесплатна правна помош.

Бесплатната правна помош е една од непосредните придобивки што вработените ги имаат врз основа на нивното членство во КСС.

Голем број на вработени се соочуваат со незаконски престанок на работен однос, неисплатена плата и придонеси од плата,  незаконско намалување на плата, неоправдана дисциплинска постапка, непочитување на колективните договори, непочитување на законските одредби поврзани со годишниот одмор и работното време и други прекршувања на правата од работен однос.

Доколку сметате дека Ви е прекршено некое од горенаведените права или некое друго право од работен однос зачленете се во КСС каде ќе добиете бесплатна правна помош.

Правната помош се остварува како примарна и секундарна.

Примарна бесплатна правна помош опфаќа:

  • правен совет за правото на користење на бесплатна правна помош;
  • општа правна информација;
  • правен совет од областа на трудово право;
  • синдикално организирање и дејствување;
  • консултации при изготвување на колективни договори;
  • помош при изготвување на дописи до работодавачот;
  • изготвување на поднесоци до надлежни државни органи ( Државен инспекторат за труд, Државен управен инспекторат, Народен правобранител и други државни органи);
  • учество на семинари, обуки, конференци, работилници во земјата и во странство

Секундарна бесплатна правна помош опфаќа:

  • правна помош во постапка пред суд;
  • застапување и заштита пред надлежен суд и други државни органи;
  • изготвување поднесоци (тужба, одговор на тужба, жалба и др.) во судска постапка

Доколку сте член во КСС најпрво побарајте го синдикалниот претставник и претставете му го прекршувањето на правото од работен однос. Побарајте од него да Ви даде консултација, но имајте на ум дека синдикалниот претставник не е правник и затоа треба да Ве упати кон правната служба на гранскиот синдикат или на националниот синдикат, која ќе Ви обезбеди бесплатна правна помош, а доколку е потребно и подготовка на документи, како и правна помош од адвокат во случај на отпочнување на судски спор.

Правото на бесплатна правна помош може да го остварите на следниот начин:

  • Консултација со синдикалниот претставник
  • На е-маил адресата на правната служба на КСС: pravnapomos@kss.mk
  • На телефон на КСС: 02 2466 238
  • На социјалните мрежи: преку Facebook страната на КСС
  • Со пополнување на долунаведената апликација

Зајакнувањето на правната помош на КСС се реализира во рамките на проектот Бесплатна правна помош за сите членови, овозможен од проектот Зајакнување на социјален дијалог кој го спроведува Меѓнародната организација на трудот, а го финансира Европската Унија.

Copyright kss.mk