ILO – ACTRAV вебинар за Ковид 19 – нарушување на животите, економиите и општествата – Предизвици и можности за активностите на синдикатот
На 20 мај 2020 година се одржа вебинар на тема ,,Нарушување на животите, економиите и општествата – предизвици и можности за активностите на синдикатот” кој беше организиран од страна на ILO – ACTRAV – Биро за активности на работниците.
Целта на овој вебинар беше подигање на свеста за економското, работничкото и социјалното влијание на кризата КОВИД-19 како и обезбедување на место за дискутирање на перспективите, предизвиците и новите трендови на синдикалните активности за ублажување и решавање на кризата.
На вебинарот учествуваа претставници од синдикатите од Албанија, Бугарија, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Црна Гора, Македонија, Србија и Полска.
На вебинарот свое учество и имаше и Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија на кој што беа изнесени предизвиците со кои се соочува Македонија во време на корона кризата, а беа презентирани и активностите на синдикатот и иницијативите кои ги презема. Како последна иницијатива на КСС е вклучувањето на ковид 19 заболувањето во листата на професионални заболувања.
Ние ги споделивме и проблемите со кои реално се соочуваме, како што се непостоењето на социјален дијалог, кој се води само формално пред јавноста, а нема суштинско значење, состојба кога нема консултација со синдикатот, а се носат конфузни Уредби со сила на Закон кои се однесуваат на работниците. Моравме да напоменеме и за неадекватните мерки на Владата кои не соодветствуваат со фактичката состојба и потреби на бизнис секторот, бидејќи се повеќе работници ги губат своите работни места, а се повеќе компании згаснуваат. Речиси повеќе од 10.000 работници ги имаат изгубено своите работни места. Сето тоа можеби се должи на ниското инвестирање на Македонија во бизнис секторот за време на корона кризата, кое изнесува околу 1 % од својот бруто домашен производ, а во споредба со другите земји Србија инвестира 11% од БДП, Бугарија 9,9 %, додека пак Германија има 20% инвестиции во бизнис секторот од својот бруто домашен производ.
Напоменавме и дека сивата економија сега си го наплати цехот, работниците кои работеа во неа и сега го изгубија работното место се оставени на милост и немилост без работа и без финансиска помош.
На вебинарот свое обраќање имаше директорот на АCTRAV, Марија Хелена Андре, која истакна дека комуникацијата и меѓународната солидарност се многу важни за заштита на работниците. Ги истакна и приоритетите на МОТ како што се заштита на работните места, заштита на личниот приход и минималната плата, безбедноста и здравјето при работа, здравствена заштита за сите. ,,Корона кризата ја стави на тест демократијата на кој многу земји паднаа, додека други успеаа да функционираат демократски” ,истакна Андре. Исто така истакна дека сега сите треба да преземеме силни акции со цел да направиме новото нормално живеење после пандемијата да биде подобро.