1. Home
  2. News
  3. Конференција на тема ,,Зајакнување на родовата еднаквост и справување со вознемирувањето на работно место”

Конференција на тема ,,Зајакнување на родовата еднаквост и справување со вознемирувањето на работно место”

Конференција на тема ,,Зајакнување на родовата еднаквост и справување со вознемирувањето на работно место”
0
797 ПРЕГЛЕДИ

На 06.03.2024 година се одржа Конференција на тема: ,,Зајакнување на родовата еднаквост и справување со вознемирувањето на работно место” во организација на Секцијата на жени при КСС, на која се дискутираше за прашања поврзани со родовата рамноправност, како од гледна точка на бизнис секторот, низ призма на трудовата легислатива, така и од гледиште на синдикатот за тоа колкава е застапеноста на жените на синдикалните лидерски позиции. На Конференцијата на првата панел дискусија на тема Зајакнување на родовата еднаквост и поттикнување на женското лидерство, Претседателката на Секцијата на жени, Елена Ангеловска даде осврт на историјата на одбележувањето на овој ден, презентираше какви се статистиките во поглед на родовиот јаз помеѓу мажите и жените, а истакна и кои се целите и заложбите кои ги има оваа секција. Свое обраќање имаше и Министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, кој ги истакна заложбите на министерството за соработката со синдикатите за заедничко делување кон унапредување на родовата еднаквост.

Валентина Дисоска од Здружението на бизнис жени, даде информации за застапеноста на жените во бизнисот и истакна дека помалку од 25% од компаниите се управувани од жени и тоа претежно во малите и микро претпријатијата, што учествуваат со помалку од 10 % од вкупниот обрт. Истакна дека тие како здружение работат на зајакнување на женското претприемништво како на национално, така и на локално ниво, односно формираат Совети за женско претприемништво во рамки на Советите на општините,  каде можат сите засегнати чинители да дадат придонес. На оваа панел дискусија придонес даде и професорот по трудово право, Лазар Јовевски, кој истакна дека согласно правната рамка во Македонија, жената е еднаква, но пракста не го покажува истото.

Пред започнување на втората панел дискусија, Габриела Костовска Богоеска, имаше презентација на Студијата за пристојна работа на жените работнички, изготвена од Фондацијата  за менаџмент и индустриски истражувања МИР, даде осврт на институционалната, стратешката и правната рамка за пристојна работа, презентираше дел од спроведената анализа од родов аспект, како и реалната состојба на жените работнички во секторите индустрија и трговија.

Даниела Јаневска од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија се осврна на родовите стереотипи во поглед на машка и женска професија, даде преглед на застапеноста на жените на синдикални лидерски позиции, како и кои се карактеристиките на жената синдикален лидер, кои се предизвиците со кои се соочува жената синдикален лидер и за тоа како да се мотивираат жените да бидат позастапени на лидерските позиции во синдикатот, напомена и за родово базирана дискриминација на работното место.

Санела Доневска Андоновска даде осврт на законските одредби за вознемирување на работно место, ги истакна знаците преку кои се препознава мобингот, ја образложи постапката за поведување на спор за вознемирување на работно место и кои докази треба да се соберат, а истакна и еден пример за случај на мобинг кој е добиен со правосилна пресуда, кој е еден од двата во Македонија, а се однесува на наш член.

Како последен панелист во оваа панел дискусија беше Македонка Берберу, едукатор и тренер за комуникациски вештини која даде осврт за тоа колку е важна комуникацијата и обуката за надминување на вознемирувањето на работно место и градење на здрава комуникација на работното место.

Галерија