1. Home
  2. Новости
  3. 7 Октомври – Светски ден за пристојна работа

7 Октомври – Светски ден за пристојна работа

7 Октомври – Светски ден за пристојна работа
0
413 ПРЕГЛЕДИ

Оваа година одбележувањето на Светскиот ден за пристојна работа е позначајно од било кога. Во време на пандемија со Ковид-19 како да се заборави што значи пристојна работа, правата на работниците уште повеќе се уназадија. Пандемијата донесе нови предизвици, се бориме за зачувување на секое работно место, голем број работници ги изгубија своите работни места, огромен број стравуваат за своите работни места, а на глобално ниво повеќе од 200 милиони работници ги загубија работните места.

Пристојната работа значи еднаков пристап на сите работници до работа, пристојна плата која ќе овозможи пристоен и достоинствен живот на работниците, работа која им обезбедува безбедно работно место и здрава работна околина. Пристојна работа е онаа која обезбедува заштита од дискриминација и секаков вид на вознемирување на работно место, која обезбедува здравствена, социјална заштита и сигурни работни места. Правото на слободно организирање и здружување е исто така право на работниците да можат слободно да се здружуваат во синдикати заради унапредување на нивните права.

Македонскиот работник од многу различни аспекти го доживува на “сопствена кожа” поимот непристојна работа, а границата на непочитување на правата е поместена надолу. Причината за тоа зошто македонскиот работник работи и прифаќа непристојни работни места е финансиска. Работниците се плашат да не ја изгубат својата работа и приморани се да работат во секакви услови. За жал, оваа ситуација не е само во приватниот, туку непристојната работа е особено застапена и во јавниот сектор.

Додека пак работниците кои се опфатени во неформалниот сектор односно сивата економија, како и работниците од ранливите категории беа токму оние работници кои беа најмногу погодени од кризата, тие едноставно беа исклучени од работниот процес.

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија БАРА институциите и компаниите да обезбедат пристојна работа за сите работници!