Синдикатот на администрација и државна управа на Македонија дава потполна и безрезервна поддршка и се приклучува кон протестот, како грански синдикат при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, кој е закажан за 15.04.2021година.
Како синдикат кој што ги претставува и брани правата на вработените во администрацијата и државната управа, во овие четири години не сме вклучени во ниедна од поважните одлуки коишто ги има донесено Владата, а се однесуваат на вработените чиишто права ги застапуваме и за кои се бориме.
Напротив, синдикатот е постојана мета на напади од страна на Владата, преку бркање од работа на синдикални лидери, како Претседателот на синдикатот, но и останати синдикални лидери на синдикалните организации.
Некои од синдикалните лидери намерно се распоредуваат на други работни места, иако согласно Законот за работни односи, синдикалниот лидер е заштитен.
И покрај тоа што синдикалните лидери се заштитени со законите и меѓународните конвенции на Меѓународната организација на трудот кои што Македонија ги има ратификувано и со тоа се има обврзано да ги почитува, реалната слика е дека синдикалните лидери се под постојани притисоци, се деградираат кога нема да одговараат на раководството во институциите и не се вклучуваат во одлуки кои што се од круцијална важност за вработените. Јавниот сектор е клекнат на колена, поради непостоењето на социјалниот дијалог во државата.
Веќе четири години социјалниот дијалог и партнерство се става на дното на приоритетната листа на Владата, а со тоа се зголемува незадоволството на вработените.
Ги повикуваме сите наши членови да се приклучат на протестот во знак за солидарност и да го искажат своето незадоволство, бидејќи власта не ни остави друг избор, освен истото да го искажеме на улиците.