Пензионерскиот синдикат по повод Денот на пензионери, со предлог за усогласување на пензиите

0

Во пресрет на денот на пензионерите 20 септември, Пензионерскиот синдикат на Македонија им го честита денот на пензионерите и им посакува добро здравје, долг живот и успех во истиот, со надеж идниот ден на пензионерите да го дочекаме без Ковид – 19 и со повисоки пензии и подобар начин на усогласување на истите.

Уште од своето основање во 2018 година, Пензионерскиот синдикат на Македонија се залага за унапредување на социо – економскиот статус на пензионерите во Македонија. И иако се соочуваме со значајни пречки, како неможноста да се регистрираме и да собираме членарина, постојано реагираме кога се во прашање пензионерите.

Имено, уште од измената на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, поточно членот 37, со кој се усогласуваат пензиите според индексот на трошоците живот, ние веднаш побаравме да се воведе комбиниран начин на усогласување на пензиите, односно од порастот на индексот на трошоците и порастот на просечната плата.

Пензионерскиот синдикат предлага во сегашното решение на членот 37, став 1 да стои: „Пензијата се усогласува од 1 јануари и 1 јули секоја година според процентот на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие, во однос на полугодието кое му претходи објавени од Државниот завод за статистика во висина од 30 % и пораст на просечната исплатена плата на сите вработени во РСМ во висина од 70 % и обратно, во зависност од поповолниот процент. Заради примена на ставот 1, пензијата остварена во тековната година претходно се сведува во месечен износ според порастот на нето платите, од декември претходната година, во однос на просечната нето плата истата година (став 3).

Доколку бруто домашниот производ во претходната година има реален пораст повеќе од 4 %, Пензионерскиот синдикат предлага наместо 4, да биде 3 или 3,5 %, покрај усогласувањето од (став 1) од овој член, пензијата се усогласува од 1 април во тековната година во процент кој претставува разлика помеѓу реалната стапка на порастот на бруто – домашниот пораст во претходната година и стапката од 4 %.

Во став четири стои дека во случај кога има пораст на минималната плата во тековната година за повеќе од 15 % и пораст на просечната плата во претходната година за повеќе од 5 %, покрај усогласувањата наведени во ставовите 1 и 3 од овој член, може да се изврши дополнително усогласување на пензиите во процент не повисок од порастот на просечната плата од претходната година.

Ставот пет, пак вели дека висината и начинот на дополнителното усогласување на пензиите од ставот 4 на овој член, со одлука ги определува Владата на РСМ.

За да се потврди горенаведеното од Пензионерскиот синдикат на Македонија го даваат и следниот пример.

„За период јануари 2020 и јуни 2020 година, порастот на просечната плата изнесува 4,05 % и трошоците на живот 0,60 %. Во хипотетичкиот пример 4,05 % би се помножиле со 70 %, а 0,60 со 30 %. Процентот за усогласување тогаш би изнесувал 2,98. Сакаме да спомнеме дека во истиот период пензиите беа усогласени само со 0,60 %. Со заостанувањето на просечната пензија во однос на просечната плата, се намалува животниот стандард на примателите на пензии, односно пензионерите“, истакнаа од ПСМ.

Од ПСМ уште еднаш им посакуваат среќен Ден на пензионерите и се надеваат дека во блиска иднина ќе бидат извршени измени во законот за пензиите.

Сподели на социјални медиуми

Copyright kss.mk