Пазарот на труд за време на пандемијата – осврт на Државната комисија НСЗЗ „Солидарност“

На ден 24 мај оваа година, Државната комисија НСЗЗ „Солидарност“ организираше меѓународна конференција посветена на управување со возраста во компаниите во однос на брзите промени на пазарот на трудот поврзани со новите технологии, демографијата и што е најважно, пандемијата. Оваа конференција беше резимирање на експертските активности извршени во рамките на проектот „Иницирање мерки за спроведување на автономниот рамковен договор на европските социјални партнери за активно стареење и меѓугенерациски пристап“, чијшто основач и водич е НСЗЗ „С“.
Експертите од Италија, Летонија, Северна Македонија и Полска кои присуствуваа на конференцијата истакнаа дека лавината од напредни технолошки промени, кои се изразено зајакнати за време на пандемијата, наметнува неопходност од обука на многу вработени, што претставува предизвик за целиот пазар на труд.
Сепак, во моментов најзабележителни за работниците, како за помладите така и за пoвозрасните, се промените во работниот свет што произлегуваат од санитарните ограничувања поврзани со пандемијата. Одлуките од врвот за затворање компании и воведување работа од далечина беа наметнати со многу брз антиципирачки период. Како први, последиците од овие уредби ги понесоа главно младите – тие најбрзо ги загубија своите работни места заради несигурната природа на договорите што ги имаат склучено со работодавачот.
Покрај тоа, големи групи вработени, особено административните работници, беа принудени со брзо темпо да преминат на сосема поинаков начин на работа. Далечинската работа најчесто се одвиваше во домовите, во присуство на други членови на семејството и често со проблематичен пристап до интернет. Дополнителен предизвик, освен стекнувањето нови дигитални вештини, беше и стекнување способност за работа во услови на одвојување од колегите и работа во дисперзиран тим.
Интересно прашање беше влијанието на пандемијата и ограничувања, поврзани со неа, на однесувањето на вработените принудени да работат од далечина. Забележливиот тренд, за жал, има изразено негативно влијание врз здравствената состојба на вработените. Од досегашните истражувања произлегува дека се појави значителен пад на физичката активност, а паралелно со тоа, зголемувањето на работата во седечка положба резултираше со зголемување на телесната тежина и здебелување кај многумина. Општо познато е дека овие фактори придонесуваат за појава на нови болести, а веќе секако ги влошуваат постојните. По првата фаза на пандемијата, продажбата на слатки, солени закуски и алкохол значително се зголемила, па оттука има и вистински пат кон дијабетес, хипертензија и други метаболички болести.
За жал, заради затворањето, работодавачите беа принудени да ги прекинат про-здравствените програми коишто ги спроведуваа – во ситуација на затворање на луѓето дома, промовирањето здрави навики и мотивирањето на работниците да се занимаваат со физичка активност “падна во вода”. Податоците од институцијата за социјално осигурување собрани за време на пандемијата укажуваат на значително продолжување на времетраењето на боледувањата и зголемување на истите заради ментални нарушувања.
Што од ова произлегува за вработените? Управувањето со сопствената работа станува важна вештина, не само од гледна точка на домашните услови, туку пред сѐ, затоа што директното управување многу често нема доволно квалификации за управување со дисперзиран тим. Како и да е, тешко е да се бараат такви квалификации, бидејќи досега ниту работните тимови, ниту нивните претпоставени немале искуство со далечинско работење во таков обем. Како последица на ова, се појави изразен пад на креативноста кај работните тимови, што пак резултираше во нов извор на стрес, дополнително засилен со постојаните информации за закани по здравјето во сите медиуми.
Во оваа ситуација, на пазарот на трудот се појавуваат нови едукативни понуди. Понудите за менаџери, главно од средно ниво, опфаќаат обуки за предавање на нови аспекти на управување – во услови на санитарен режим, во дисперзирани тимови и управување со вработувања. За вработените, има предлози за обука за релаксација или организирање работа во изолација, кога пристапот до другите колеги е целосно ограничен. Темата за вклучување на вработените во виртуелната реалност и работни односи различни од претходните придонесува за пребарување и развој на нови решенија.
Интересен поглед на пандемиската криза презентираше Славомир Адамчик, експерт од НСЗЗ „Солидарност“, кој го сврте вниманието кон нејзиниот сосема поинаков карактер во споредба со кризите што се случуваа во претходните години. Сегашната криза ја менува парадигмата на економијата, го менува пристапот кон работата, што несомнено ќе има влијание врз управувањето со возраста во компаниите. За време на пандемијата, и покрај поддршката од јавната власт насочена кон одржување на вработувањето, многу 50+ вработени го напуштија пазарот на трудот – некои беа принудени да го сторат тоа од страна на работодавачот, но имаше и голема група, којашто замина по сопствена волја. За многу повозрасни работници, пандемијата ги забрза одлуките за предвремено пензионирање, дури и по цена на пониско ниво на трошоци за социјално осигурување. А, оние кои ги задржаа своите работни места и останаа во компаниите, многу подобро се справија со стресот во споредба со помладите. За тоа пресудни беа предности како што се самодоверба, обликувана од долгогодишното искуство за чувство за сопствена вредност и недостатокот на страв од отпуштање и губење на работата. Благодарение на тоа, тие можеле побрзо и подобро да се пронајдат во невообичаените услови за работа во пандемија во споредба со нивните помлади колеги.
Стана евидентно тоа дека сегашната криза предизвика промена на ставот на вработените кон самата суштина на работата, а особено кон нејзината флексибилност. Досега, темата за флексибилност беше форсирана само од страна на работодавачите од аспект на нивните сопствени потреби. Преминувањето кон работа од далечина предизвика зголемен интерес на вработените за флексибилни форми на вработување – такви какви што им одговараат и на нив, а не само на работодавачот. И токму на ова се заснова новото отвaрање на пазарот на работници, бидејќи досега работникот имал наметнати правила за работа од страна на работодавачот, вклучително и оние во врска со флексибилноста.
Сега, како што предвидува Славомир Адамчик од НСЗЗ „Солидарност“, ова може да се промени, бидејќи заради искуствата поврзани со пандемијата, вработените сѐ почесто и поподготвено преминуваат од ригорозен кон флексибилен пристап кон работата. Ова се однесува првенствено на 55+ вработените кои, како што многумина посочуваат, претпочитаат хибридна работа, бидејќи таквата опција им овозможува постепено згаснување на нивната професионална активност и полека, со текот на времето, и нивно пензионирање.
Се чини дека овој пристап кон работата ќе стане правило, затоа исклучително важно прашање е развивање јасни регулативи коишто се однесуваат на работа од далечина. Важноста на ваквите регулативи за идниот пазар на труд беше нагласувана од страна на сите експерти присутни на конференцијата, претставувајќи ги синдикатите, работодавачите и научната заедница вклучени во истражувањето на односите со вработените.