МОТ: Водечките светски експерти бараат заштитата на здравјето и безбедноста при работа да биде темелно право

Синдикатите повикуваат на Конференцијата на МОТ, која ќе се оддржи во јуни 2021 година, да се подигне безбедноста и здравјето при работа до највисоките меѓународни стандарди за труд, да се зголеми одговорноста на владите и работодавачите и повеќе земји да ги ратификуваат клучните конвенции за безбедност и здравје при работа.
Со ова би се исполниле ветувањата дадени во 2019 година во Стогодишната декларација на МОТ, која едногласно беше усвоена од владите, работниците и работодавачите со цел да се заштитат здравјето и да се зголеми безбедноста на сите работници на работа.
Колегиумот Рамазини, највисокото независно меѓународно тело на експерти за безбедност и здравје при работа и еколошка медицина, го повикува МОТ итно да ги спроведе одлуките донесени на Меѓународната конференција за труд, оддржана во 2019 година.
Колегиумот Рамазини вели: „Стотици милиони работници ширум светот се повредени на работа. Милиони загинаа. Овој масакр може да се спречи, но само доколку се даде приоритет на заштитата на работниците од повреди на работа, а здравјето и безбедноста на работниците се потврди како темелно човеково право. МОТ мора итно да постапи и да прифати дека заштитата на здравјето и безбедноста при работа е темелно право на МОТ“.
Ник Пал, извршен директор на Здружението за медицина на трудот, со седиште во Велика Британија, професионално тело за лекари по медицина на трудот, рече: „Здружението за медицина на трудот дава поддршка во однос на безбедноста и здравјето при работа да се потврди како темелно право на МОТ. Го повикуваме управното тело на МОТ да дејствува итно и да ја спроведе одлуката на стогодишната конференција на МОТ (сесија 108), оддржана во 2019 година, со која заштитата на здравјето и безбедноста при работа ќе се потврди како темелно право на работа на агендата на Меѓународната Конференција за труд, што ќе се оддржи во 2021 година. “
Генералниот секретар на МКС, Шаран Буроу, рече: „Владите и работодавaчите треба да ги слушаат овие водечки експерти. Долго време, заштитата на работниците од повреди и болести на работа имаше далеку понизок статус од другите основни права. Давањето правен статус на безбедност и здравје при работа, како што заслужува, ќе ја исправи историската грешка и ќе ги зајакне напорите пандемијата КОВИД-19 да се стави под контрола“.