Меѓународен ден на младите

Кризата со KОВИД-19 ги влоши предизвиците со кои се соочуваат младите работници кога влегуваат на пазарот на трудот. Во ЕУ, невработеноста кај младите се зголеми од 14,9% на 17,1% од како започна пандемијата, а и во остатанатиот дел од Европа ситуацијата не е подобра. Ако плановите за закрепнување не вклучуваат конкретни мерки за борба против невработеноста кај младите, постои ризик да се отфрли долгогодишниот напредок.
По финансиската криза во 2008 година, стапките на невработеност кај младите во Европа пораснаа и беше потребна речиси една деценија за да се намалат. Дури и во 2019 година, непосредно пред избувнувањето на КОВИД-19, невработеноста кај младите во ЕУ беше три пати поголема отколку кај постарите од 55 години. Од витално значење е креаторите на политики да научат од минатото искуство и да воведат мерки сега, за да спречат уште една деценија несигурен влез на пазарот на трудот за младите луѓе.
Единствено бројките за невработеност не можат да известат за вистинското закрепнување. Треба да постои холистички пристап, земајќи ги во предвид сите предизвици со кои се соочуваат младите луѓе на пазарот на трудот. На пример, работниците со несигурни договори се вработени, но немаат соодветен пристап до здравствена или социјална заштита. Голем број на млади работници треба да работат пониско квалификувана работа, практикантска работа и пракса, дури и ако се преквалификувани. По вработувањето, младите работници често немаат исти можности за образование и обука за да напредуваат во кариерата. Долгиот временски период на невработеност кај младите луѓе се поврзува со лошото ментално здравје. И, конечно, младите работници ќе бидат најпогодени во наредните години од климатските промени и сите влијанија кои климатските промени ги имаат врз работните места и пазарот на трудот.
Сите овие фактори треба да се земат предвид во политиките насочени кон намалување на невработеноста кај младите. Плановите за закрепнување треба да распределат средства специјално наменети за да им помогнат на младите луѓе да преминат од образование во работен однос на квалитетни работни места. Исто така, треба да се спроведат мерки за да се осигура дека, откако ќе бидат вработени, младите работници ќе имаат пристап до обука за да можат да продолжат професионално да се развиваат. Секогаш треба да се посвети внимание на обезбедувањето правична транзиција за справување со климатските промени, така што младите работници нема да бидат изоставени. Инвестициите и финансирањето на јавните услуги можат да го направат сето ова.
За сето погоре, важно е гласот на младите работници да се слушне во процесот на креирање политики. Младите веќе помогнаа во ставањето на климатските промени на повисоко место на агендата и треба да продолжат да имаат место на масата во креирањето на социјалните и зелените политики за трудот и во иднина.