Реалноста со која се соочуваат жените во светот излегува на виделина само кога го “прославуваме” 8-ми Март, кога гласно кажуваме дека е потребна елиминиација на сите родови разлики кои се прават на пазарот на трудот како и во сите други сфери на општественото живеење.
Денес, на Меѓународниот ден на жената знаеме да се потсетиме како жените се избориле за својот глас да биде слушнат за повеќе општествени и семејни случувања, почнувајќи од правото на глас, правото на градење кариера во својата работа, правото за пристап на раководни функции кои по автоматизам се смета дека се машки, правото на учество во политичкиот живот и донесувањето на одлуки кои се од голема важност за општествено- економскиот развој.
Сега, во 21- виот век сметаме дека еманципацијата на жената е на соодветно ниво со општествениот развој и со перцепцијата на пошироката народна маса дека жените уживаат рамноправност со мажите.
Но, како што споменавме на денешен ден ги споменуваме сите сфери во кои е потребно да се направи промена или пак дополнително да се унапреди некое право.
Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија ќе спомене неколку примери, а ќе почнеме од пристапот до работни места, јазот во платите со мажите за исто работно место и насилството на работа.
Некои работодавачи сеуште се осудуваат на интервјуата за вработување да го постават прашањето дали кандидатката планира да формира семејство. Констатацијата е дека сеуште постои родово базирано осудување дека жената не е доволно квалификувана или дека нема соодветно да одговори на работните задачи доколку планира да формира семејство, да раѓа и да се оствари во улогата на мајка.
Го споменавме јазот во платите меѓу жените и мажите за исто работно место. Факт е дека сеуште се соочуваме и се бориме за искоренување на јазот кој со годините се намали во јавниот сектор, но сеуште е актуелен во приватниот сектор.
Согласно податоците на Заводот за статистика тој јаз сеуште постои и е различен за секоја старосна група.
Споменавме и насилство на работното место, мислиме на физичкото и психичкото насилство и вознемирување од страна на колеги, претпоставени, надворешни соработници и слично.
Сеуште се соочуваме со такви ситуации и затоа се залагаме и силно препорачуваме ратификација на Конвенцијата 190 – Насилство и вознемирување ( C190 – Violence and Harassment Convention, 2019 (No. 190) ) на Меѓународната организација на труд.
Согласно конвенцијата, насилството и вознемирувањето во светот на работата претставува кршење или злоупотреба на човековите права, насилството и вознемирувањето се закана за еднаквите можности што е неприфатливо и неспоиво со пристојна и достоинствена работа.
За време на глобална пандемија со која се соочуваме последнава година дена жените се маргинализирани во однос на своите работнички права имајќи во предвид дека се на првата борбена линија со Ковид -19 вирусот на своите работни места како медицински лица, помошен персонал, шалтерски работнички и слично, немајќи ја соодветната заштита, а секако и соодветен надоместок за работата која ја работат, а покрај тоа и ги обавуваат сите работи околу домакинството.
Во тоа име КСС подготви едно кратко видео со кое споделува факти во врска со жената во општеството. Воедно се споменуваат и дел од заложбите и клучните теми на кои Конфедерацијата работи изминатите години преку сите достапни средства и начини, а тоа се зголемување на породилното отсуство на една година, заштитата од физичко и психичко насилство на работното место и отстранување на јазот во платите меѓу мажите и жените за исто работно место.
Во прилог линкот од краткото видео:
“ЧЕСТИТ МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА ЖЕНАТА”