КСС оствари средба со Генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикати (ЕТУК), Лука Висентини
На ден 20.11.2019 година во просторииите на КСС членови на Извршниот одбор на КСС одржаа средба со делегација од Европската конфедерација на синдикати (ЕТУК), предводена од Генералниот секретар на ЕТУК, г-динот Лука Висентини, специјалниот советник г-динот Јозеф Нимиц и раководителот на човечки ресурси г-ѓа Синеад Тиернан.
На состанокот се разговараше за екстремно деликатната состојба во која се наоѓа Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија и уште еднаш претставниците од ЕТУК беа запознаени со сите форми на притисоци со кои се соочува КСС и неговите членови, како што се откази, притисоци за отчленување од синдикатот, репресии на синдикални лидери, поткрепени со валидна документација. Се дојде до заклучок дека во нашата земја се кршат основните принципи на синдикалното делување, се кршат законите, како и Меѓународните конвенциии на МОТ, особено Конвенцијата за човекови права и беа утврдени понатамошните чекори на делување.
На состанокот се дискутираше и околу законодавството во Македонија, за што се согласивме дека Законот за работни односи е закон кој е по терк на европската легислатива и овозможува соодветна заштита на работниците, кој би можел незначително да се ревидира со елементи од Европскиот социјален чартер кој што ги гарантира основните социјални и економски права.
Со ова се докажа ставот на КСС, кој е изнесен многупати јавно, дека Македонија има европски Закон за работни односи, со мал број на номотехнички грешки и дека глумењето на инклузивност за градење на реформи во работното законодавство е само проформа и маска позади која се кријат одредени организации и одредени министерства во земјава.
КСС како полноправна членка на ЕТУК доби поддршка за досегашните синдикални активности, а исто така беа договорени и следните чекори на соработка помеѓу ЕТУК И КСС.