На ден 10.10.2019 година, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија одржа национална работилница во рамките на проектот ,,Европски работнички совети – пренесување на финансиската информација како клучен фактор за ефективна комуникација и преговарање”, каде КСС учествува како придружна организација.
Работилницата ја водеше експертот Маја Стефковска, која го образложи целиот процес на формирање на европските работнички совети, која е нивната цел и која е нивната улога во рамките на мултинационалните компании. Исто така, експертот даде осврт и на легислативата, односно директивата која ги уредува европските работнички совети, како и на законската рамка која е донесена во Македонија, а ќе стапи на сила со влегувањето на Македонија во Европската унија.
На работилницата имаше претставници и од бизнис секторот кои споделија искуства околу важноста од информирањето и консултирањето на работниците, како за финансискиот дел, така и за важноста од комуникацијата со самите вработени, за унапредување на економската состојба и за подобрување на структурната организација на компаниите.