Заразата со САРС-КоВ-2 на работно место е повреда на работно место – затоа КСС бара исплата на 100% плата
Во изминатата година, многу пати укажавме дека согласно Правилникот за минимални барања за безбедност и здравје на вработени изложени на биолошки штетности САРС-КоВ-2 е запишан како корона вирус од фамилија “coronaviridae”, што е во согласност со дополнувањето на Европската Директива за биолошки агенси и заштита на работниците од ризици, за вирусите од фамилијата “coronaviridae” имаме утврдено безбедносно ниво 2 (два) исто како и европското законодавство.
Од појавувањето на корона вирусот, КСС заедно со стручните лица за заштита при работа од Македонското здружение за заштита при работа, бара од институциите во целост да ги спроведат законите и на сите работници кои што заболеле на работното место или се во самоизолација да им се исплаќа 100% плата.
Државниот инспекторат за труд веќе една година никако да започне да постапува во согласност со законите како институција која е одговорна да го следи сето ова и да ги заштити правата на работниците.
КСС ги повикува сите надлежни институции да го почитуваат и спроведуваат законот, во спротивно сите тие директно или индиректно ќе бидат одговорни, од една страна поради доведување во животна загрозувачка состојба на работници, а од друга страна во ек на оваа страшна зараза им го прекршиле правото на 100% плата, а кое право законите го пропишуваат. КСС останува доследен на барањето, за секое неисполнување на работничките права согласно закон ги повикува надлежните т.е Владата и Државниот инспекторат за труд да стават крај на уништувањето на работникот и неговите права со било какви Уредби и Заклучоци, со кои се суспендира Законот за безбедност и здравје при работа и Законот за пензиско и инвалидско осигурување.
Јасно укажуваме дека не бараме ништо повеќе од едноставно почитување на законите, во спротивно ги повикуваме сите работници заедно да си ги одбраниме нашите права кои секојдневно се кршат и уништуваат.
Конфедерација на слободни
синдикати на Македонија