Глобална анализа на трендовите за улогата на синдикатите во време на COVID-19

0

Светот на работата е длабоко под влијание на глобалната пандемија со COVID-19. Владите започнаа програми за фискален стимул со цел поддршка на приходите и работни места, како и спречување на целосен колапс на економијата.

Ефективен социјален дијалог и соработка помеѓу владите, организациите на работодавачи и организациите на работниците се покажаа како неопходни за дизајнирање и спроведување на соодветни стратегии и политики за решавање на негативното влијание на COVID-19 кризата и за градење инклузивни општества.

Глобалната анализа на трендовите за улогата на синдикатите во време на COVID-19 најпрво ги открива најпогодените категории на работници, работниците во најранливите ситуации и сектори кои се најмногу погодени од КОВИД-19 пандемијата, од гледиште на синдикатите. Потоа, се обезбедува резиме на одговорите на синдикатите на КОВИД-19 кризата и напредокот постигнат преку трипартитен или бипартитен социјален дијалог или преку билатерални интеракции со владите во 133 земји за време на периодот од март до август.

Понатаму документот открива дали синдикатите се согласуваат со економските и социјалните мерки имплементирани од нивните влади, и дали се повредуваа правата на работниците и синдикатите. И на крај, документот дава насоки за тоа како синдикатите можат да се зајакнат и да помогнат да се изгради „подобро нормално“.

Наодите од глобалната анализа на трендовите се засноваат на анализи на регионални трендови на одговорите на синдикатите на пандемијата со КОВИД-19. Тие ги рефлектираат информациите добиени од националните синдикати.

Најпогодени, најранливи работници и најпогодени сектори од аспект на синдикатите

Здравствените  и работниците од првата линија се категории на работници кои се најмногу погодени од кризата КОВИД-19 ширум светот. И покрај тоа, ги ризикуваа своите животи и покрај пријавените недостатоци на лична заштита. Слично на тоа, работниците во неформалната економија, како и самовработените се несразмерно погодени поради недостаток на заштита и замена на приходите или заштедите, несигурност на нивниот работен однос и нивно исклучување од мерките за поддршка. Додека малите и средните претпријатија искусија нагло намалување на побарувачката и приходите, ако не и целосен прекин на нивната активност.

Жените, младите, бегалците и лицата со попреченост се најранлива категорија на  работници, а нивната ситуација се должи пред се на неформалната и несигурната природа на извршената работа, лошите работни услови, изложеноста на насилство и маргинализација и недостаток на заштита или поддршка од страна на јавните служби.

Туризмот, патниот и поморскиот транспорт, како и авијацијата и градежништвото, трговијата и угостителството и секторите за забава и производство се секторите кои се најпогодени од пандемијата на КОВИД-19. Компаниите што работат во овие сектори доживеаја привремено прекинување на работењето или запирање на економските активности, ограничувања во движењето и затворање на границите, се изложени на сериозен ризик од банкрот и сериозни падови со негативни последици врз вработувањето.

Одговори на синдикатите во време на КОВИД-19

Работниците како активен играч во социјалниот дијалог: 108 од 133 земји или 81% го користеле социјалниот дијалог како одговор на пандемијата за да постигнат консензус за насочените мерки за заштита на работниците и претпријатијата.

Барем една форма на социјален дијалог, дали бипартитен или трипартитен, или и двете, биле користени во 100% од земјите од Арапската држава, 88% во азиските земји, 84% во земјите во Европа и Централна Азија, 77% во африканските земји, а 76% во земјите во Америка.

Трипартитниот дијалог меѓу владите, синдикатите и организациите на работодавачите бил користен во 79 од 133 земји (59%). Кога синдикатите учествувале во дискусиите за креирање на политики, најчест предмет на преговори биле мерките за социјална заштита и вработување, мерки за фискална сигурност, безбедност и здравје при работа (БЗР), индустриските односи.

Бипартитен дијалог меѓу работодавачите и синдикатите се одвивал во 82 од вкупно 133 земји (62%). Работодавачите и работниците честопати изразуваа слична загриженост во врска со соодветноста на донесените мерки и недостатокот на потребните залихи на пазарот (на пр. лична заштитна опрема). Во некои случаи, тие доставија заеднички изјави, предлози или барања до владите. Тие, исто така спроведоа засилени мерки за БЗР или обезбедија дополнителни придобивки за специфичните категории работници. Во некои случаи, тие потпишаа и Меморандуми за разбирање со кои се обврзуваа да спречат колективни отпуштања и да ги зајакнат гаранциите за вработување.

Насочените активности на синдикатите за нивните членови/ работници вклучуваат обезбедување на фондови за итни случаи, кампањи за подигање на свеста, програми за обука и услуги за усогласување на пазарот на трудот, правни совети, дистрибуција на пакети со храна и опрема за лична заштита, и во некои случаи признавање на КОВИД-19 како професионално заболување.

Синдикалното здружување на работниците е сериозно погодено од ограничувачките мерки. Како резултат на тоа, додека некои синдикати решија да ја прекинат наплатата на членарина, други сметаа дека кризата е можност да се подигне свеста и да се обратат до неформалните работници во економијата и започнаа успешни кампањи за членство. Други, пак, развија иновативни начини за организирање и допирање до членовите или организирани хуманитарни акции.

Синдикатите генерално ги поздравија одговорите на владите и покажаа поддршка во обезбедувањето усогласеност на работниците. Сепак, во многу околности, изразено е незадоволство од спроведувањето на механизмите за социјален дијалог, недостатокот на учество на синдикатите во процесите на донесување одлуки и недоволна јасност во однос на донесените мерки. Некои синдикати ги критикуваа своите влади дека не обезбедиле соодветна заштита за сите, вклучително и за работниците кои вообичаено се исклучени поради нивниот статус на вработување.

Прекршувања на правата на работниците и синдикатите беа пријавени од повеќе синдикати низ регионите. Најмногу прекршувања се пријавени во арапските држави (67%), во Азија и Пацифик (35%), проследено со Европа и Централна Азија (29%), Африка (21%) и Америка (20%). Прекршувањата главно се однесуваа на Меѓународните стандарди за труд, непочитувањето на работните регулативи во врска со отпуштањата, работното време и исплатата на платите и непочитувањето на прописите за БЗР.

Барањата од синдикатите до владите за итно дејствување вклучуваат универзална здравствена заштита, продолжено боледување, невработеност и семејни бенефиции, парични трансфери, сигурност на работа и приход, финансиска поддршка на претпријатијата, усогласеност со Прописите за БЗР, признавање на КОВИД-19 како професионално заболување. Среднорочните/ долгорочните препораки вклучуваат зајакнување на социјалниот дијалог, проширување на опфатот за социјална заштита, вложување на долгорочни активности во социјалните и здравствените услуги и бришење на надворешни долгови.

Заклучоци

Синдикатите треба да ја сметаат кризата како повик за будење и нивен придонес кон подобро градење и унапредување на трудовите и социјалните стандарди. За да се постигнат овие цели, тие треба да бидат признаени, да учествуваат во креирање на политиките и да преговараат за склучување на колективни договори за унапредување на основните права, соодветни минимални плати, како и максимално работно време, придобивки од здравствената и социјалната заштита за сите и безбедност и здравје при работа.

За подобра иднина потребни се одговори од глобален размер засновани на ефективен социјален дијалог и здрави меѓусебни односи. Синдикатите треба да осигураат дека привремените мерки донесени како одговор на пандемијата со КОВИД-19 се чекор напред кон здраво закрепнување, насочено кон среднорочна и долгорочна перспектива, во согласност со приоритетите идентификувани во политичката рамка на МОТ за одговор на кризата со КОВИД-19.

Агендата на синдикатите за издржливост и заздравување во контекст на кризата треба да има за цел: градење на политичка волја, придонес кон зајакнување на механизмите за социјален дијалог, градење на знаење и капацитети, зголемување на репрезентативниот капацитет, промовирање на приоритетите на работниците, обезбедување на нови услуги, проширување на партнерства, вклученост во процесите на ООН за одржлив развој, како и споделување на информации и искуства од претходни кризи.

A Global trend analysis on the role of trade unions in times of COVID-19

Сподели на социјални медиуми

Copyright kss.mk