Оваа година се одбележува десеттото издание на Индексот за глобални права на Меѓународната конфедерација на синдикати (ITUC); првиот и најсеопфатен преглед на прекршувањата на работничките права ширум светот.
Индексот се базира на меѓународно признатите основни права на работниците и опфаќа речиси 150 земји. Индексот за глобални права на ITUC е широко прифатен како водечки извор на информации за колективните работнички права и се користи од синдикатите, владите, организациите на граѓанското општество и сè повеќе од компаниите во целиот светот како најсигурно мерило според кое може да се оценува почитувањето на правата на работниците.
Во Македонија во 2023 година правата на работниците се влошени. Од индекс 3 кој означува редовно прекршување на правата, Македонија во 2023 година е рангирана во индекс 4 –кој означува систематско прекршување на работничките права. Во извештајот се истакнува дека во Македонија правата на работниците за колективно договарање се сериозно намалени. Компаниите одбиваат да ги применуваат колективните договори, колективните договори не се водат со постоечките синдикати, туку со “жолтите синдикати”, често формирани од работодавачите за да ги заобиколат вистинските разговори со репрезентативните синдикати.
Индексот сега, повеќе од кога било, е моќна алатка за градење на подобар свет за работниците. Индексот треба да влијае на Владите да ги подобрат правата на работниците, а синдикатите го користат Индексот за насочени дејствија за законски измени, што е и најважно. Индексот сведочи за секојдневната борба за работнички права ширум светот .