Економско социјален совет

Економско социјалниот совет е национално трипартитно тело формирано од Владата на Република Македонија и социјалните партнери за водење на социјален дијалог и создавање на услови за економска и социјална стабилност и остварување на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Економско социјалниот совет за првпат е основан на 30 декември 1996 година, но оваа институција не заживеа во пракса се до 2010 година. Причините за тоа беа во непостоењето на политичка волја кај дотогашните влади во земјата, како и во неединството на синдикалните организации и непостоењето на јасни и прецизни законски одредби за утврдување на нивната репрезентативност. Кај третиот партнер, работодавачите, причината беше во доцнењето во организирањето на соодветна асоцијација на работодавачи.

Ваквата состојба беше постојано критикувана од домашната јавност, но пред се од меѓународната јавност, од институциите на Европската унија. Конкретен чекор во насока на надминување на ваквата состојба беше направен со измените и дополнувањата на Законот за работни односи од 5 февруари 2010 година, кога се вметнати одредби со кој се дефинираат условите за репрезентативност на синдикатите и на работодавачите. Покрај другите услови, законот предвидува дека репрезентативен синдикат на национално ниво е синдикатот кој здружува најмалку 10 проценти од вкупниот број вработени во Република Македонија.

Економско социјалниот совет повторно е возобновен со потпишување на Спогодба за основање на ЕСС, на 15 август 2010 година. Потписници на Спогодбата се Владата на Република Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, Сојузот на синдикатите на Македонија и Организацијата на работодавачи на Македонија.

На потпишувањето на Спогодбата му претходеше постапка за докажување на репрезентативност, при што Министерството за труд и социјална политика им додели решенија за репрезентативност на два синдикати (КСС и ССМ) и на една асоцијација на работодавачи (ОРМ).

ЕСС има советодавно – консултативна улога при креирање и имплементација на економски и социјални стратегии и политики. ЕСС дава мислења, предлози и препораки по предлози на закони и други прописи, национални стратегии и програми кои се во врска со економско- социјалните интереси на работниците и работодавачите, пред истите да бидат разгледувани од страна на Владата на Република Македонија. Согласно Спогодбата, мислењата по однос на законите од областа на работните односи, вработувањето, пензиско и инвалидското осигурување и безбедноста и здравјето при работа се задолжителни.

Економско социјалниот совет брои вкупно 12 члена. Трите социјални партнери партиципираат со по 4 свои членови. Од страна на КСС, членови во Економско социјалниот совет се претседателот на КСС, Благоја Ралповски и претседателот на СОНК , Јаким Неделков. Првата, конститутивната седница на Економско социјалниот совет се одржа на 15 септември 2010 година.

Copyright kss.mk