Барања и ставови на КСС усвоени на Конференција на КСС

0

На 28.06.2017 година се одржа редовна седница на Конференцијата на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС), како највисок постојан орган помеѓу два конгреса на која меѓудругото расправаше за актуелните состојби во делот на работните односи, социјaлното партнерство и социјалниот дијалог помеѓу партнерите на сите нивоа, со посебен акцент на прашања сврзани со надлежностите на КСС како репрезентативна федерација на национално ниво и членка на Економско социјалниот совет.

Konferencija na KSS

Конференцијaта констатира дека долготрајната политичка криза во земјата директно влијаеше и врз економските движења кои силно рефлектираа и на вкупниот социјален статус на вработените, а со тоа и на нивните семејства. Така влошените економско социјални состојби и изместените нормални функционирања на највисоките државни органи неизбежно влијаеа и врз изместување на нормалното функционирање на социјалниот дијалог, а со тоа и недостиг на резултати кои беа и се од голeмо значење за вкупните општествено-економски движења во државата.

Конференцијата ги подржува вкупните напори за надминување на споменатите состојби и во оваа прилика јавно и јасно ја изразува својата позиција на одговорен, легален и легитимен социјален субјект кој непоколебливо ќе продолжи да ја остварува својата функција во рамките на Уставот, законите на државата, како и на меѓународните конвенции и меѓународната пракса на синдикално фунционирање во демократските земји.

Конференцијата на КСС ги усвои следните барања:

  1. Итно да почне со функционирање Економско социјалниот совет на национално ниво, согласно одредбите од Законот за работни односи, Спогодбата помеѓу легитимните социјални партнери за неговото формирање и Деловникот за работа на истиот.
  2. КСС покренува иницијатива надлежното министерство, односно МТСП да пристапи кон постапка за носење на Закон за синдикатите, според искуството од најдемократските држави, а секако со целосно вклучување на сите легитимни субјекти за носење на таков закон.
  3. Економско социјалниот совет да биде целосно вклучен во договарање околу висината на минималната плата со целосно согледување на влијанието врз сите останати степени на сложеност на работните места, особено во јавниот сектор, со цел да се отстрани можноста од губење на мотивација кај посложените работни места доколку дојде до неприфатливо стеснување на распонот на платите. КСС има посебна причина да биде особено активна и вклучена во договарањето за висина на минималната плата, заради неспорниот факт дека е иницијатор на активностите за утврдување на минималната плата во времето кога истата воопшто ниту постоеше во државата ниту беше во тоа време сериозно разгледувано ова прашање (крајот на 2005, почетокот на 2006 година).
  4. Целосно спроведување на важечките Колективни договори на сите нивоа и санкционирање на правни или физички лица кај кои ќе се утврди непочитување на оваа законска обврска.
  5. КСС бара Владата преку ресорното министерство, а во согласност со сите социјални партнери да покрене иницијатива за утврдување на дополнителни услови за предвремено пензионирање со откуп на стаж најмалку за 2 последни години, а особено во претпријатија и установи каде што објективно се појавува проблем со технолошки вишок.
  6. КСС и предлага на Владата сериозно да ја разгледа можноста за воведување на флексибилно работно време и тоа по модел на летно и зимско работно време.
  7. КСС и нејзините органи во целост им даваат подршка на сите барања од гранските синдикати членки на нашата Конфедерација, кои ги имаат доставено до  ресорните министерства или дополнително ќе ги достават, а истите се во рамките на надлежностите утврдено со Законот за работни односи, Општите колективни договори, како и Колективните договори на гранско ниво.
  8. Конференцијата на КСС бара резолуциите усвоени на последниот Конгрес на КСС да бидат ставени на Дневен ред на Економско социјалниот совет, како и пред надлежните државни органи и по истите да има соодветна постапка.
Сподели на социјални медиуми

Оставете коментар

Copyright kss.mk