ХРОНИЧНО БОЛНИТЕ СЕ ВРАЌААТ НА РАБОТА БЕЗ АЖУРИРАНА ПРОЦЕНКА НА РИЗИК НА РАБОТНО МЕСТО СОГЛАСНО НОВАТА БИОЛОШКА ШТЕТНОСТ ОД САРС-КОВ-2 ВИРУСОТ

0

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија КСС е загрижена поради новонастанатата ситуација и новата реалност во која работниците кои беа ослободени од работа, согласно уредбите на Владата, сега се враќаат на работа.
Особено важно е да се напомене дека надлежните го прескокнуваат Законот за безбедност и здравје при работа и сите ги втурнуваат во голем ризик по нивното здравје. Несомнено е дека работодавачите, со исклучоци, ги преземаат општите мерки за заштита и превенција, дефинирани во протоколот за превентивни мерки за сите работни места, но најзначајна обврска на секој работодавач е да спроведе и изготви изјава за безбедност на секое работно место, односно проценка на ризик на секое работно место, според Правилникот за начинот на изготвување на изјавата за безбедност, нејзината содржина и податоци врз кои треба да се заснова проценката на ризик, како и според Правилникот за минимални барања за безбедност и здравје на вработени од ризици поврзани со изложеност на билошки агенси.
Нашето законодавство е во согласност со дополнувањата на Европската Директива за биолошки агенси и заштита на работниците од ризици, односно во Правилникот за минимални барања за безбедност и здравје на вработени од ризици поврзани со изложеност на билошки агенси, за вирусите од фамилијата ‘Coronaviridae’ имаме утврдено безбедносно ниво 2, исто како и во европското законодавство.
Работодавачите мора да ја ажурираат проценката на ризик на работните места, особено во команиите каде веројатноста на изложеност на САРС- КоВ- 2 вирусот е поголема во однос на останатата популација.
Бидејќи сите работници без исклучок се изложени на новата биолошка штетност САРС- КоВ- 2 вирусот, дали помалку или повеќе, а веќе со светските студии е утврдено дека хронично болните развиваат потешка клиничка слика, а тие од денес се враќаат на работа, а работодавачите немаат направено проценка на ризик кој е основен предуслов за кои специфични мерки и активности компаниите ќе ги преземаат за секое работно место индивидуално. На некои работни места хронично болните, согласно мерките, можат безбедно да ја извршуваат работата, но на некои работни места им е загрозено здравјето значително повеќе, а на некои работни места воопшто не треба да работат хронично болни лица, а сето тоа се утврдува со проценката на ризик на работно место.

Сподели на социјални медиуми

Оставете коментар

Copyright kss.mk