ПРВОМАЈСКИ ПРОГЛАС – ДА ЖИВЕЕ ПРВИ МАЈ – ДЕНОТ НА ТРУДОТ!

0

ПРВОМАЈСКИ  ПРОГЛАС

ДА ЖИВЕЕ ПРВИ МАЈ – ДЕНОТ НА ТРУДОТ!

Денес,  да се присетиме на  борбата на нашите браќа и сестри кои низ многу тешки битки, со дадени жртви, се изборија за подостоинствено вреднување на трудот. Основните работнички права се заработени со крв и затоа ние имаме аманет да се бориме да ги сочуваме. Сето друго е предавство на минатото, предавство на работникот! Затоа, денес ние со нашите семејства, пријатели, колеги, ќе ги споменеме и уште еднаш ќе го дадеме заветот дека секој ден од годината ќе работиме  достоинствено, посветено, праведно и чесно само во интерес на работничките права, како и досега.

Денес, на 1ви Мај 2019 година,  XXI век, се соочуваме со сериозно кршење на работничките права, со кршење на основните елементи на работничките права пропишани со  Уставот и Закон, со Законот за работни односи, на основните постулати на работничките права, на правото на пристојна плата, на правото на сигурноста на работното место, на правото на одмор, како и на правото на безбедни и здрави работни места.

Браќа и сестри,

Денес,  ќе ги споменеме уште еднаш, за да се присетиме и  за да ги потсетиме дека сме понижени, дека се злоупотребува трудот, работникот во нашата ″демократска″ земја, дека не се почитуваат Уставот и Законот, дека сме прогонувани, уценувани и заплашувани кога ќе побараме правда, дека сме социјална категорија со социјални примања, дека и ние имаме семејства, дека и ние мораме да платиме сметки за комуналии, дека и нашите деца заслужуваат среќно детство, да појдат на одмор, да се облечат, дека нашите деца заслужуваат квалитетно образование, дека и ние заслужуваме достоинствен живот, но очигледно сите се глуви и нашиот глас не стасува до таму каде што е упатен.

Почитувани,

Апелираме за сериозен пристап во решавањето нашите проблеми и нашите барања, кои се пропишани во Законите и колективните договори и апелираме да се откажете од Вашите методи за растурање на синдикалното движење затоа што така нè само што не можете да не замолчите , напротив, ние после секој ваш недостоинствен, незаконски обид, со притисци, закани, заплашување и откази, сме уште посилни и уште поединствени.

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија  во многу наврати во минатото, покажа и докажа дека постои синдикат, дека нашите членови веруваат во заклетвата за одбрана на работничките права, не застануваме, затоа што времето одамна истече, затоа што повикува крикот на работникот, иако повторно добивме закани, но се уверивте самите дека вистинското  синдикалното движење постои, дека работниците се разбудени. А знаете ли зошто? Затоа што сме понижени.

КСС денес на денот на трудот порачува:

Заслужуваме  и ние да живееме пристојно со ПРИСТОЈНА ПЛАТА ЗА ПРИСТОЕН ЖИВОТ,

Заслужуваме да бидеме почитувани, затоа што без ПОЧИТУВАН РАБОТНИК НЕМА ПОЧИТУВАНО ОПШТЕСТВО!

Заслужуваме да ни се вреднува трудот,  затоа што без ПРИСТОЈНА ПЛАТА НЕМА ПРИСТОЈНА ПЕНЗИЈА

Заслужуваме со спокој да одиме на работа и да работиме, но без ПОЧИТУВАЊЕ НА ТРУДОТ НЕМА ПОЧИТУВАЊЕ НА ПРАВДИНАТА

Затоа сите заедно, еве денес во еден глас Ви порачуваме веднаш да почнете со решавање на барањата, затоа што моментот е алармантен, затоа што сите европски и светски организации кои ги третираат  правата на човековата слобода, правото на слободно здружување, правота на работникот во своите извештаи Ви порачаа дека Македонија е оценета со оцена 3 каде постојано се кршат работничките права, каде што не се почитуваат Законите. Рангирани сме во група со земјите од Африка – ЖАЛНО И ЗАГРИЖУВАЧКО.

Да си спомнеме денес, за минатото, за нас, за сите оние кои се со нас и кои некогаш биле до нас, да наздравиме за денот на трудот, за нашите семејства, за нашите најблиски, за подобра иднина и да порачаме:

ДЕНЕС, ВО ИМЕТО НА ДЕНОТ НА ТРУДОТ И СИТЕ НЕГОВИ ВРЕДНОСТИ, НИЕ ПРОДОЛЖУВАМЕ СО НАШИТЕ СИНДИКАЛНИ АКТИВНОСТИ, КОИ ВЕРУВАЈТЕ ЌЕ БИДАТ МНОГУ ПОРАДИКАЛНИ И ПОЖЕСТОКИ ЗАТОА ШТО:

БЕЗ СОЦИЈАЛНА ПРАВДА, НЕМА НИТУ СОЦИЈАЛЕН МИР!

Да живее 1ви Мај – Денот на трудот, да живее работникот, да живее синдикалното движење во Македонија.

Искрено, со понизност и почит кон сите работници во Македонија, со солидарен синдикален поздрав

 

ВАШ КСС

Сподели на социјални медиуми

Оставете коментар

Copyright kss.mk