КСС со апел за почитување на мерките за ослободување на еден родител на дете до 10 години

0

КСС се јавува со апел во услови на зголемена опасност од  ширење на COVID – 19 (корона вирусот), по вчерашните објавени препораки и заклучоци на Владата и Министерството за здравство со кои се предвидува еден родител на децата до 10 години, да биде ослободен од обврската да ги извршуваат работните обврски и отсуството за време на тој период да биде оправдано и платено од работодавачот, како во јавниот, така и во приватниот сектор.

Бидејќи до КСС почнаа да пристигнуваат известувања дека некои од работодавачите од приватниот сектор не сакаат да ја почитуваат мерката која е казнива со кривичниот законик, апелираме оваа мерка да се почитува во целост од страна на работодавачите како во јавниот, така и во приватниот сектор.

Апелираме до сите работници кои ќе се соочат со непочитување на мерката од страна на работодавачите да пријават до Државниот инспекторат за труд на телефонскиот број 151 31, а надлежните институции соодветно да реагираат.

КСС ќе ги пријави сите случаи, за кои ќе добие информација, до надлежните институции и ќе инсистира за санкционирање на секое непочитување на мерките  за спречување на работник кој е родител на дете до 10 години.

Согласно објавата на Министерството за труд и социјална политика појаснуваме која е постапката за ослободување од работните обврски.

–   Отсуствата од работа ќе се докажуваат со потврди кои ќе ги издаваат градинките и основните училишта, на име на родителот корисник на мерката за ослободување од работа поради грижа за дете со навршена возраст до 10 години, во кои ќе биде наведен и временскиот период за кој  се однесува.

– Потврдите да се достават до секторот за управување со човечки ресурси или раководителот/директорот на институцијата/компанијата во која работи, до терминот за пресметка на следната плата.

– Исто така поради прекинот на работата на дневните центри за згрижување на лица со попреченост, ослободувањето од работни активности на родители на деца/лица со попреченост е проширено на родители на деца и млади и над 10 годишна возраст. Родителите е потребно по истиот принцип наведен погоре да достават потврда дека лицето е корисник на услугата дневен центар за лица со попреченост.

Апелираме до сите граѓани да се грижат за своето здравје и јавното здравје и да ги почитуваат препораките кои ги дава Светската здравствена организација.

Сподели на социјални медиуми

Оставете коментар

Copyright kss.mk