КСС оствари средба со претставници од МОТ

0

09.10.2017

Денес во просториите на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) се одржа состанок со претставници од Меѓународната организација на трудот, со г-динот Магнус Берге, специјалист за активности на работниците во канцеларијата на Меѓународната организација на трудот за централна и источна Европа и г-динот Емил Крстановски, национален координатор на МОТ.

На состанокот се дискутираше за состојбите во синдикалното движење во Р.Македонија, а особено за ситуацијата на нефункционирање на социјалниот дијалог и партнерство во Р. Македонија, односно нефункционирањето на трипартитното тело, Економско – социјалниот совет и начинот на кој тоа тело функционира надвор од законските норми и интерни акти по кое е основано.

Покрај тоа што беше истакнато нефункционирањето на социјалниот дијалог на национално ниво исто така беа истакнати и проблемите на нефункционирање на социјалниот дијалог и со некои од ресорните министерства  како и бипартитниот дијалог на ниво на фирма. Се дикутираше и за состојбите на ниво на компанија, каде синдикалните претставници и членството се соочуваат со притисоци и мобинг на работните места.

Се истакна и големата загриженост за кршењето на законските и подзаконските акти од страна на Министерот за труд и социјална политика, како и Деловникот за работа на ЕСС, Спогодбата за основање на ЕСС, како и меѓународните конвенции и прекршувањето на процедурите за усвојување на предлози и заклучоци за законските измени кои се однесуваат на работниците, а кои надвор од сите процедури се доставуваат на усвојување на седници на Собрание на Р.Македонија.

Претставникот од МОТ ги охрабрува нашите напори за функционирање на социјалниот дијалог кој што сега е нарушен и почитување на Законите. Се она што се дискутираше на состанокот ќе биде сублимирано во извештај кој ќе биде доставен на повисоки инстанци.

 

Сподели на социјални медиуми

Оставете коментар

Copyright kss.mk