КСС објави Манифест на мерки и барања

0

12.10.2017

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија на денешната прес – конференција која што се одржа во просториите на Пошта 2 (Нова железничка станица) повторно ги искажаа своите барања за функционирање на социјалниот дијалог преку објавување на Манифест на мерки и барања.

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија поаѓајќи од делот на социјалното партнерство и дијалог, кои се предизвикани од страна на најодговорните државни органи и нивните највисоки претставници, во последните месеци од оваа година и со тоа целосно маргинализирани улогите на релевантните синдикални партнери, од страна на организациите на репрезентативните синдикати го прогласува следниот:

М А Н И Ф Е С Т

на мерки и барања

Еклатантното кршење на одреби од Уставот, Законот за работни односи, Спогодбата за формирање на Економско социјалниот совет и Деловникот за работа на Економско социјалниот совет како и повеќе меѓународни конвенции кои Р.Македонија ги има ратификувано од страна на Министерството за труд и социјална политика во Владата на Р.Македонија, нефункционирање на социјалното партнерство и дијалог од страна на други ресорни Министерства, разговори и приговори од страна на дел од Министерствата со целосно нерелевантни како и со нелигитимни организации и здруженија за права од работен однос, кои се исклучиво во надлежност на релевантните синдикати, создадоа состојба на тотално газење на правниот систем и целосното пасивизирање и непочитување на слободата на синдикално функционирање во нашата држава.

Со цел ваквите исклучително опасни и неприфатливи состојби да бидат веднаш надминати, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија ги обзданува следните:

МЕРКИ И БАРАЊА

КСС ќе ги преземе следните легални и легитимни мерки:

  • организирање на протести пред надлежните државни институции кои се директни носители на споменатите состојби
  • организирање на генерални штрајкови на ниво на сектори во јавниот сектор, вклучително и генерален штрајк на национално ниво, во сите дејности
  • барање за доаѓање на претставници од меѓународните синдикални организации во кои КСС и нејзините членки се редовни членови, со цел на лице место да ги согледаат и да ги следат состојбите со кршење на законите во Република Македонија
  • покренување на кривични постапки против сите кои досега имаат направено кривични дела, како и против оние кои евентуално истото ќе го направат во наредниот период

КСС БАРА од Владата и надлежните ресорни министерства итно и неодложно:

  • отпочнување на преговори за зголемување на платите на вработените во јавната администрација, јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопстевност, усогласување на потпишаните и важечки колективни договори, соодветно на процентот создаден со зголемување на висината на минималната плата (19 проценти)што секако е и законска обврска која произлегува од Законот за работни односи
  • отпочнување на преговори за измени и дополнување на општиот колективен договор за јавниот сектор, особено со акцент на утврдување на право за регрес за годишен одмор, соодветно како и во општиот колективен договор за приватниот сектор (реален сектор), што е неправично неправно и е срамно да бидат казнувани приватните стопанственици од страна на државните органи за нешто што државата не го прифаќа како утврдено право за вработените во државниот сектор.

На крајот сакаме да кажеме и пред целата јавност дека никакви закани, притисоци и слични дејства од било кое ниво, од позиција на власт нема да го смени курсот на одбрана на правата на членовите на нашите синдикати кои произлегуваат од важечкото законодавство и колективните договори, а за сите вакви постапки КСС  и неговите грански синдикати ќе покренуваат соодветни судски постапки и редовно ќе ја известуваат јавноста, како и сите надлежни меѓународни организации.

Сподели на социјални медиуми

Оставете коментар

Copyright kss.mk