КСС најостро реагира на предлогот за зголемување на старосната граница за пензионирање

0

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС најостро реагира и не го поддржува предлогот за зголемување на старосната граница за пензионирање, затоа што смета дека нема значително да придонесе кон зголемување на пензискиот фонд, а смета и дека негативно ќе влијае врз работниците, компаниите и економијата.

Македонија како земја која се наоѓа на последно место во Европа според “одржливиот квалитет на живот“, а како дел од индикаторите кои го определуваат квалитетот на живот се распространетоста на болестите, стапката на невработеност, очекуваниот животен век, состојбата на животната средина, не смее да дозволи работникот дополнително да се оптеретува и со зголемување на старосната граница за пензионирање, напротив треба да се воведе бенифициран стаж за трудоинтензивните нископлатени работни места и да се воведе можност  за предвремно пензионирање под други услови.

КСС смета дека е потребно системски да се работи на унапредување на одржливоста на пензискиот систем и тоа преку повеќе политики како што се зголемување на стапката на вработување преку активните мерки и тоа вработување на работни места надвор од најниско платените, преку намалување на обемот на неформалната економија со различните форми на стимулирање и поддршка на формализација на неформалните економски активности со што стапката на вработени наспроти пензионерите ќе се зголемува.

Зголемувањето на придонесите за пензиско осигурување за 2% може да се прифати како предлог доколку се постигне консензус со организациите на работодавачите преку разгледување на краткорочните и долгорочните импликации од реформата.

КСС исто така, смета дека зголемување на пензиите треба да има, во одржливи рамки бидејќи во минатото, а и денес дел од нив се социјални категории. Во Македонија повеќе од половина од пензионерите се приматели на минималната пензија, а само околу 5 % се приматели на пензија повисока од просечната плата. Стареењето на населението не треба да се гледа како главен проблем за одржливоста на пензискиот фонд, треба да се донесат стратегии за поттикнување и на третиот столб со цел зголемување на неговото влијание врз пензиските приходи.

Согласно одредени анализи со отпочнување на исплатата на пензиите од вториот и третиот пензиски столб, првиот столб ќе биде растеретен и најодржлив, а во меѓувреме треба да се изнајде модул за одржливост на пензискиот фонд во следните 15 години преку најразлични одржливи мерки, а притоа да се води сметка истите да немаат влијание врз стопанството и економијата, а особено со мерки за намалување на невработеноста што секако е главниот параметар за одржливост.

Сподели на социјални медиуми

Оставете коментар

Copyright kss.mk