„КОЛКУ СЕ ПОЧИТУВААТ РАБОТНИЧКИТЕ ПРАВА НА МЛАДИТЕ ВО Р. МАКЕДОНИЈА?“

0

Во рамките на Националната кампања „365 Работнички Права за Младите“ која ја спроведуваат Коалиција СЕГА преку Младинските Информативни центри во Прилеп и Кавадарци во соработка со Конфедерација на слободни синдикати на Македонија, Факултети.мк и Агенција за млади и спорт на Р. Македонија, беше одржана Панел дискусија на тема „Колку се почитуваат работничките права на младите во Р. Македонија?“

Претставници од институции, невладин сектор, бизнис секторот, синдикатот и меѓународната организација на трудот дебатираа на тема за тоа колку се почитуваат работничките права за млади и колку младите луѓе се спремни да пријавата неправилности.

На панел дискусијата беа презентирани и резултатите од анкетата ,,Колку младите ги познаваат своите права“ при што дури 75% од испитаниците сметаат дека законската регулатива е само на хартија и е во интерес само на работодавачите. Ова го потврдува и фактот што дури 57% од вработените не се осмелуваат да го пријават прекршувањето на нивните работнички права од страв дека ќе го изгубат работното место.

„Правата на младите се кршат фрапантно.Од таа причина се залагавме за спроведување на кампањата 365 работнички права за млади во партнерство со невладиниот сектор и со институциите. Ги покануваме младите поактивно да се вклучуваат во синдикатите со цел поголемо информирање и гарантирање на нивните работнички права“- изјави г-дин Благоја Ралповски, претседател на КСС.

Панелисти на настанот беаг-дин Аљајдин Хавзиу, Директор на Државен инспекторат за труд; г-ѓа Александра Дичевска, претставник на Агенција за млади и спорт; г-дин Благоја Ралповски Претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија; г-дин Емил Крстановски, Национален Координатор на Меѓународна организација на труд во Македонија; г-ѓа Анета Баснарков, Адвокат; г-дин Марјан Алексовски, Директор на Факултети.мк.

Од 01 јануари 2018 година, Коалиција на младински организации СЕГА, преку Младинските Информативни Центри ИНФО СЕГА од Прилеп и Кавадарци, и во соработка со Факултети.мк и Конфедерација на Слободни Синдикати на Македонија ја отпочнаа Националната кампања „365 работнички права за младите“. Целта на кампањата е да се подигне свеста кај младите за нивните работнички права кои им се загарантирани во согласност со Законот за работни односи.

Сподели на социјални медиуми

Оставете коментар

Copyright kss.mk