Доведување на работниците во животно загрозувачка состојба поради неспроведување на Законот за безбедност и здравје при работа

0

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, има морална, етичка и законска одговорност да ја предупреди Владата и сите работодавачи во Република Македонија дека согласно новата биолошка штетност од САРС-КoВ-2 вирусот треба да се преземат конкретни мерки за заштита и превенција, дефинирани во протоколот за превентивни мерки за сите работни места.

Особено важно е да се напомене дека надлежните го прескокнуваат Законот за безбедност и здравје при работа и ги втурнуваат своите вработени во голем ризик по нивното здравје. Несомнено е дека мал број од работодавачите, ги преземаат општите мерки за заштита и превенција, дефинирани во Протоколот за превентивни мерки за сите работни места. Најзначајна обврска на секој работодавач е да спроведе и изготви изјава за безбедност на секое работно место, односно проценка на ризик на секое работно место, според Правилникот за начинот на изготвување на изјавата за безбедност, нејзината содржина и податоци врз кои треба да се заснова проценката на ризик, како и според Правилникот за минимални барања за безбедност и здравје на вработени од ризици поврзани со изложеност на билошки агенси.

Нашето законодавство е во согласност со дополнувањата на Европската Директива за биолошки агенси и заштита на работниците од ризици, односно во Правилникот за минимални барања за безбедност и здравје на вработени од ризици поврзани со изложеност на билошки агенси, за вирусите од фамилијата ‘Coronaviridae’ имаме утврдено безбедносно ниво 2, исто како и во европското законодавство. Работодавачите мора да ја ажурираат проценката на ризик на работните места, особено во команиите каде веројатноста на изложеност на САРС- КоВ- 2 вирусот е поголема во однос на останатата популација. Сите работници без исклучок помалку или повеќе се изложени на новата биолошка штетност САРС-КоВ-2 вирусот.  Со светските студии е утврдено дека хронично болните развиваат потешка клиничка слика,  тие се вратени на работа, а работодавачите работат без реорганизација на работните места и  немаат направено проценка на ризик, која претставува основен предуслов кои специфични мерки и активности компаниите треба да ги преземаат за секое работно место индивидуално. На некои работни места хронично болните, согласно мерките, можат безбедно да ја извршуваат работата, на некои работни места им е загрозено здравјето значително повеќе, а на некои работни места воопшто не треба да работат хронично болни лица. Сето тоа се утврдува со проценката на ризик на работно место.

Од искуството кое што е пренесено кај нас од страна на синдикалните претставници, Директорот на Катастарот на недвижности беше предупреден дека мора да направи ажурирана проценка на ризик на работните места согласно новата биолошка штетност, поради враќање на работните место на хрониочно болните и оние кои беа ослободени со Уредбите на Владата кои беа отсутни од работното место повеќе од 6 месеци, но истиот не постапи.

Во простории каде што на исто место работат повеќе од 20 луѓе без ажурирана проценка на ризик и реорганизација на работните места, се доведуваат работниците во животно загрозувачка состојба. Предходните 10-тина дена се случи кластер на заразени од САРС-КоВ-2 вирусот во Катастарот на недвижности во Скопје и овој викенд почина една вработена која што беше заразена на нејзиното работно место. Спротивно на прописите во Македонија, работодавачот ги довел вработените во животно загрозувачка состојба без ажурирана проценка на ризик согласно новата биолошка штетност, иако бил предупреден од Синдикалниот претставник, истиот не постапил согласно прописите.

Дали некој ќе понесе одговорност за ваквата состојба на работниците?

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, ги предупредува и Владата и сите работодавачи да го почитуваат законот за безбедност и здравје при работа, да ја реорганизираат нивната работа согласно потребите, но и и да биде зачувано здравјето на работниците, особено на оние со комордибитети. Во спротивно, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија ќе биде принудена да преземе дејствија во насока на зачувување на здравјето и безбедноста на работниците согласно законските прописи и легитимните инструменти кои ни стојат на располагање.

 

Сподели на социјални медиуми

Оставете коментар

Copyright kss.mk