Владата ги крати работничките права во ек на пандемија

0

Како синдикат и преставници на работниците имаме обврска да реагираме  на заклучокот на Владата во кој сите отсуства од работа поради заболување од Ковид-19 и на вработени лица кои се во изолација, односно немаат  знаци на болест, а биле во контакт со заболен да се исплаќа надомест на плата согласно Закон и колективен договор.

Како што знаеме уште од почетокот на пандемијата КСС бара од Владата Ковид-19 да се воведе како професионално заболување за сите вработени и да се исплаќа 100% плата на тие што отсуствуваат поради болеста и оние кои што се во изолација.

Вицепремиерот Бетиќи пред две недели даде јавно изјава, која што ја пренесоа сите медиуми, дека Владата донела заклучок отсуството од работа поради болест од Ковид-19 или за оние кои се во изолација поради контакт со заразени да им се исплаќа 100% плата НА СИТЕ РАБОТНИЦИ И ОД ЈАВНИОТ И ОД ПРИВАТНИОТ СЕКТОР која што ќе биде на товар на Фондот за здравствено осигурување. Но, очигледно пресметките согласно вртоглавиот број на новозаразени во последниве две недели ја премислија Владата, па сега ретерира. Работниците не се виновни за ваквата состојба и сега е моментот да се помомогне, а Владата наместо да се фали со економски пакети да им го исплаќа тоа што им следува, а тоа е правото на цела плата и да покаже солидарност доколку во себе го носат идеалот на социјал демократи.

Недозволиво е Министерката за труд и социјална политика да се повика на сидикатите и невладините организации за да го оправда овој крајно срамен потег, со кој едно од основните права на работниците се кратат само со заклучок на Влада. Уште потрагично е да не се консултираат социјалните партнери за ваква круцијална одлука  за која што одговорно тврдиме дека никој не не консултирал или пак прашал.

Речиси од почетокот на пандемијата континуирано бараме Ковид-19 да се прогласи за професионално заболување за сите работници, но очигледно ниту се има став, ниту пак желба да се спроведе ова како важен сегмент на заштита на работникот.

Неколку пати бараме, согласно законот, да се направи ажурирана проценка  на ризик на работните места согласно новата биолошка штетност како што повикува и Законот за безбедност и здравје при работа и правилникот за биолошки штетности, но очигледно не само што се игнорираат нашите барања и нашите пријави кон инспекторатите за извршување на надзор поради животозагрозувачка состојба на работниците, каде што има катастрофални последици, а работодавачите се предупредени, а се се завршува со политички притисок од Власта и политички записници каде што срамно се крие вистинската фактичка состојба на терен, како што е во  Агенцијата за катастар на недвижности каде што имаше и смртен случај, Министерството за внатрешни работи, комбинатот за производство на електрична енергија РЕК Битола итн. Од сето ова произлегува едно суштинско прашање: ,,Дали некој ќе сноси одговорност за непочитување на Законите и загрозување на животот и здравјето на работниците?’’

Можеме легитимно да демантираме дека сме барале од Владата да се укине плаќањето на отсуството од работа поради болест од Ковид-19 или за оние кои се во изолација поради контакт со заразени да се исплаќа 100% плата на сите работници од приватниот и јавниот сектор.

Воедно бараме да се врати старата одлука со која фондот за здравство си ја презема таа обврска и конечно Власта да покаже солидарност кон сите работници. Па, оттука произлегува и потребата да ги повикаме и сите синдикати да се изјаснат што побарале од Министерката за труд и социјална политика  и дали е вистина дека по нивна иницијатива е скратено ова право. Има потреба и да се изјасни Министерката и кои се тие граѓански здруженија кои бараат да се скратат правата на работниците, а овде зборуваме за Уставно право, право на плата, па нека излезат јавно и да кажат пред јавноста дали е вистина и кои се нивните аргументи. Во спротивно ние и целата јавност ќе знаеме дека е ова чиста манипулација на Власта од една страна со подобните здруженија и социјални партнери од друга страна.

Недозволиво е кога сиромашниот македонски работник ниту крив ниту повикан се заболел на работното место, а неможе да се тестира во  разумен рок  преку матичен лекар со легитимен упат (всушсност за тоа плаќаме здравствено осигурување секој месец) и се препраќаат од Скопје во Тетово, од Тетово во Гостивар  итн, а од друга страна може да се тестира во ИНСТУТУТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ  за сума од 1850 денари да може да се тестира истиот ден. Сега каде и си го плаќа своето лечење од Ковид-19 приватно уште треба и да му кратиме на плата, па запрашајте се господа како може тој работник и неговото семејство да добијат пристојна здравствена заштита и да го преживеат месецот и тој што следи после него.

Без хуманост и солидарност ја газиме демократијата и довербата во институциите, но ние нема да застанеме тука и борбата ќе продолжи затоа што сме повикани  од работникот кој во овој момент се повеќе е понижуван и обесправуван.

Сподели на социјални медиуми

Оставете коментар

Copyright kss.mk