Без почитување на работниците следи социјална криза

0

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија- КСС последниов период ги следи изборните активности и предизборните изјави и ветувања на политичките партии како и нивните програми и излегува со свој став во однос на вклучување на работниците во изборните програми, почитување и унапредување на нивните права.

Имајќи ја во предвид нашата долгогодишна борба и зaложба, како и нашите акттивности за почитување на законите и колективните договори, кои што во изминатиот период доживејаа груби кршења, нефункционирањето на социјалниот дијалог кој што треба да биде основниот постулат за меѓусебното почитување и кој што беше одземен од социјалните партнери и употребен за лични или партиски цели и поради сето ова неможноста за остварување фер дијалог за унапредување на работничките права, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија  ги предупредува сите политички чинители во овие избори да ги преиспитаат своите изјави затоа што повторно доаѓаме до конфликт во меѓусебното разбирање и нашите барања.

Имено, КСС во изминатиот период низ повеќе протести и штрајкови и сега остро се спротивставува на идејата за намалување на јавната администрација преку трансфер или губење на работните места на дел од административците, но очигледно дека нашиот глас не стигнал до актуелната власт.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, повторно го промовира проектот за 20% помала администрација преку најдискриминирачки модел на губење на работното место на 20% на вработените во јавниот сектор.

Многу пати низ одредени официјални состаноци и јавни настапи, како вработени во јавниот сектор, искажавме дека сме против таа идеја, дека  таа е крајно дискриминирачка и понудивме свое решение низ фер и инклузивен пристап за долгорочно намалување на вработените во јавниот сектор кој што ќе биде фер и транспарентен и без да се губат работни места за работниците кои што чесно и вредно си го заработуваат своето парче леб, почитувајќи ги законите.

Јавно го прашуваме лидерот на СДСМ, Зоран Заев, како и министерот информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски,  дали 20% планирани отпуштања во јавниот сектор ќе бидат нивните роднини кои ги вработија или пак вработените кои на определено време работат во јавната администрација во чиј што М1/М2 образец стои дека се вработени заради зголемен обем на работа ( вработени со политичка позадина ), зошто упорно прават фалсификати и упорно го кршат Законот за работни односи, затоа што кажуваат дека има намален обем на работа во јавниот сектор, а член 76 став 3 од Законот за работни односи јасно кажува дека доколку престане причината за вработување следи престанок на работниот ангажман. Нека процени јавноста дали ја говориме вистината или како што кажува министерот Дамјан Манчевски, шириме лажни вести.

Оттука, јавно ги повикуваме ( како и повеќе пати претходно )  да кажат дали овој проект што го промовираат веќе подолго време, е со цел да расчистат со нивните неподобни, непартиски и непослушни вработени во јавниот сектор и крајниот исход да биде целосна партизација на јавниот сектор и под нивна контрола, наместо да ја гледаат стручноста и компетентноста на вработените и нивното искуство и предлозите кои што другите политички партии учесници на овие избори ги имаат вградено во нивната програма, слушајки го гласот на работникот.

Повторно на овие избори се случува прогонот кон нашиот синдикат, а причината не можат да бидат нашите иницијативи кои што несебично ги правевме и дававме предлози за справување со оваа здравствена криза, изработени од нас лично и стручни лица кои што работат во сферата на заштита на работното место, не може да биде нашиот фер  и коректен пристап во изминативе неколку месеци преку солидарноста и преку предлозите да помогнеме на сите работници во државата кои што го изгубиле работното место, туку може  да биде единствено желбата за партизација и ставање под контрола на јавниот сектор и немање капацитет и искреност за спроведување на фер, транспарентна и  инклузивна реформа од  страна на оваа влада и на крај ставање под контрола на синдикалните централи.

Податоците кои КСС ги анализира во изминатите неколку месеци во однос губењето на работни места со официјални податоци од институциите која бројка е преку 20.000 работници и губењето на работни места во сивата економија, која што оваа влада со нејзините мерки ја поттикнуваше, а неофицијалните податоци кажуваат дека е преку 100.000 изгубени работни места и знаејќи дека повеќе од 50% од пензионерите земаат помалку од просечната пензија, односно околу 12.000 денари или 20% земаат  минималната пензија и на тоа колку ваучери се издадени или побарани за кои знаеме дека условот е да имаш примања под минималната плата или да си невработен, доаѓаме до катастрофално загрижувачки податок дека две третини од граѓаните кои имаат било какви примања во оваа држава на регуларен начин живеат на работ на егзизтенција или поточно преживуваат.

Оттука, КСС неколку пати предупреди, ве предупредува и сега дека доколку не ја смените реториката, односот кон социјалните партнери и социјалниот дијалог, доколку не почнете со почитување на работниците и тоа веднаш, Македонија ќе биде единствената држава што после оваа здравствена и економска криза ќе влезе во социјална криза каде шпто работниците немајќи излез низ радикален начин ќе го бараат спасот за преживување, а ние како и секогаш ќе бидеме на браникот на работничките права.

Сето ова значи дека повторно влегуваме во конфликт, дека повторно нема да имаме социјална правда, а без неа немаме ни социјален мир, дека повторно само декларативно, дискриминирачки и свесно влегувате во процес на нарушување на социјалниот дијалог и социјалното партнерство и ги занемарувате нашите барања кои што се реални во насока на просперитет и интегритет на работникот и државата.

Го повикуваме раководството на СДСМ да излезе со реална понуда и со вградување на реалните и просперитетни барања на КСС, затоа што се само во насока на вистински реформи и почитување на транспарентноста и правдата и секако на крај да престанат со пресметките со нашиот синдикат и да седнат на дијалог затоа што само така можеме да обезбедиме просперитетна држава во која што институциите ќе се грижат за сите грагани.

Од друга страна, ги повикуваме сите други политички чинители во изборниот процес да го почитуваат нашиот глас, гласот на работникот и ги предупредуваме дека ветеното во нивните програми ќе биде  нивна обврска за која што ние постојано ќе ги потсетуваме.

На крај, со зборот солидарност, кој што треба да биде водилка во една ваква кревка демократија, во нашето плуралистичко и мултиетничко општество ги повикуваме сите на договор во кој што ќе се обврземе дека ние ќе ги почитуваме законите, секако и вие, но дека ќе работиме само со фер транспарентни и недискриминирачки процеси во подобрување и почитување на работничките права.

БЕЗ СОЦИЈАЛНА ПРАВДА НЕМА СОЦИЈАЛЕН МИР

СИГУРНИ РАБОТНИ МЕСТА, ПОЧИТУВАЊЕ НА РАБОТНИКОТ И ТРУДОТ ЗА ПРОСПЕРИТЕТНА ДРЖАВА

 

Сподели на социјални медиуми

Оставете коментар

Copyright kss.mk